СУБВЕНЦИИ ЗА ТУТУНОТ ДО 15 ЈАНУАРИ

Sekogas redici za subvenciiПочна исплатата на субвенциите за тутун предаден до 15 јануари. Радост ги огреа тутунарите. Веќе редици се наредени пред банките, триејќи ги рацете. Задоволни се од државното еври, плус трите од откупувачите.
– Празник е кога се земаат парите од тутунот. Еве уште еден празник, кога легнаа парите од субвенциите на нашите сметки. Не е мала пара четири евра за килограм тутун. Мотив е за годинава да се сади фазла, оти веќе добро се заработува на тутунот. Се враќа вредноста на оваа култура на местото што го заслужува. И измачените тутунари веќе гледаат бел ден – велат тутунарите во редицата.
Останатите субвенции по едно евро за килограм, ќе се слеат на сметките на тутунарите после 15 март, по завршувањето на законскиот рок за откуп на тутун.
– Заостанатите количества тутун се преземаат на вагите кои откупувачите ги оставија отворени до 15 март. Според реколтата од над 20.000 тони, треба да се исплатат субвенции од преку 20 милиони евра. Тутунарите годинава добро поминаа. Во просек добија по четири евра за килограм заедно со субвенциите – кажува Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.
Во тек се подготовките за новата сезона. Во Министерството за земјоделство се издаваат бели картони како лиценци за производството. Тутунарите веќе кројат планови како да ги “инвестираат” субвенциите. Ќе надоместат дел од трошоците за орање, за правење расади…
Околу осум илјади тутунари веќе добиле бели картони за тутунопроизводство. Се очекуваат над 12 илјади земјоделци од прилепско, долненско и кривогаштанско годинава да одгледуваат тутун.
Интересот за тутунопроизводство останува на ланското ниво. Тутунарите се охрабрени зашто добро поминаа со откупот на ланската реколта – рече раководителот на Подрачната единица Коста Дурланов.
Како што информира, минатогодишната реколта од преку 20.000 тони е речиси откупена иако законскиот рок е до 15 март.

Loading