Автоперална Варош
Новоотворената автоперална Варош нуди можности за најефикасно перење на возилата по поволни цени. На “менито” се чистење и одржување на автомобили, внатрешно и надворешно, а и на трактори, мотори и земјоделска механизација. Надворешниот изглед и ентериерот на возилото без нечистотии се добива со препуштање на автотретманот во рацете на младиот Александар Мечев – Стенцата, кој желбата за своја автоперална после шест години и шест апликации за грант од неповратни средства полека ја остварува. Поработил во конфекција, а насадил и тутун, и ги обезбедил основните услови сонот да стане јаве, да тера свој бизнис. Дворот го бетонирал и покрил со настрешница, набавил Карчер машина за перење под притисок и правошмукалка. После три “пробни” месеци, кажува дека е среќлија што најпосле може да се усоврши и ќе стави крај на “скромните услови”. Првото искуство со перење автомобили, го имал при престој во Турција, каде се “кашкал” во водата и пенливите средства.
– Ме влече чистотата. Водам сметка за хигиената не само во возилата, туку и дома. Не оставам несредено, валкано. Важна е хигиената на ентериерот на автомобилот, оти голем дел од времето го поминуваме во него. А чистиот и уреден автомобил сведочи за карактерот на сопственикот – кажува Мечев.
Педантно и детално, со употреба на најквалитетна козметика за нега на автомобилите, ја отстранува и најдлабоката прашинка. Користи и посебни средства од брендот Сонакс, со кои ги чисти и остранува и флеките на седиштата, заматените стакла од кои ништо не се гледа, нечистотијата и калта од каросеријата и комплетното перење на возилото станува реалност. Се грижи и за удобноста на клиентите. Додека го чекаат возилото, ги почестува со кафе, чај или лимонада. Гостопримливоста ја “наследил” од Турција. Трудот да нуди максимална услуга и да создаде оаза на чистота, на негова радост привлекол бројни задоволни муштерии. А и локацијата го направила своето. Пералната, е така речи на пат, на излезот од Варош. Привлекува не само попатни, туку и редовни клиенти. Времето во друштво на Мечев, кој е секогаш ведар и насмеан, лета, а возилото добива сјај и чистина.
– Посветувам огромно внимание на одржувањето на автомобилот, до најмал детал. Успешно исперено и исчистено возило и задоволен муштеријата ќе биде ако ги открие без прашина најмалите ситници. Автомобилот останува сјаен подолго време ако помине низ моите раце, а следното перење ќе трае пократко. За три месеци стекнав редовни муштерии. Затоа сум задоволен и ја сакам работата со средби со разни луѓе и карактери. Разменувам мислења, запознавам нови култури, па и националности. За овој бизнис се битни хигиенските и козметичките средства. Сонакс е прв избор за квалитетна и напредна нега на автомобилите. Располагам со дел од нивната палета на автокозметиката. Со грантот ќе си го дозволам “луксузот” да го користам комплетниот асортиман. Ако целосно ги воведам, нема да кренам глава од муштерии. Сакам да се усовршам и во што попрофесионални услуги и да се вооружам со искуство. Не е, како што велат, за перална не треба многу, земи цревото и мијај. Секоја професија бара флексибилност и брзина и да се слушаат потребите на муштеријата. Тој знае колку беспрекорно да е сработено – кажува сопственикот Мечев.
Пере и теписи. Како предност, наспроти домашното перење, ја истакнува можноста за потполно отстранување на сите нечистотии од сите слоеви со што се враќа некогашниот сјај и изглед. Пристапни се и цените. По 150 денари за комплетен третман, а за такси возилата има попуст. Теписите ги пере по 30 денари од метар квадратен. Чисти и механичарски замрсени делови. Изненаден е и од интересот за перење на трактори, кои ги подготвуваат за в поле, правејќи им ремонт и чистење на моторот.
Иако е и стопан, и работник, Мечев “загреан” за пералната, ич не чувствува тежина. Напротив, ужива во одговорноста, работејќи на свој терен.
![]()

