СОВРШЕН ВОЗ НА НАШИТЕ ПРУГИ

Moderen voz na nas kolosekПрилепчани по неколку децении имаа можност да видат нов современ воз кој ги задоволува сите техничко-технолошки критериуми на железничката станица. Првата кинеска современа дизел-моторна гарнитура, во рамките на редовното тестирање, неделава за прв пат возеше на релацијата Скопје – Велес – Богомил – Прилеп – Битола. По пробното возење, дизел – моторната гарнитура наскоро треба да биде пуштена и во редовен сообраќај.

Екстра модерните услови кои ги нуди возот ќе придонесат за зголемување на патниците, а особено на младата генерација. Новиот воз е замена за поранешниот „Пелагонија експрес”.

– Со овој убав комфорен воз, патниците од овој регион ќе имаат можност да уживаат во културни и модерни услови: телевизија, интернет, клима уреди, една уживанција особено за младите – рече Никола Костов, генерален директор на МЖ транспорт.

Возот е со капацитет за 200 патници, со електронска табла за управување и е изработен согласно сите технички стандарди за интероперабилност на ЕУ. Со модерниот кинески дизел воз, до метрополата ќе се стигнува половина час побрзо.

– Сега возењето од Скопје до пелагонискиот регион и назад ќе биде доста комфорно. Да се заблагодарам на Владата која направи напор после неколку децении конечно да се обнови возниот парк на железниците – вели градоначалникот Марјан Ристески.

После 40 години и вработените во МЖ имаат одлични услови за работа.

– Условите за работа и комоцијата се подобрени, едноставно е задоволство да го возиш. Имаме обука од кинески претставници, но сите тука сме искусни машиновозачи и немаме некој проблем – рече машиновозачот Пецо Божиноски.

Цената на билетите останува иста. Бесплатно модерниот воз во пропишаните интервали ќе можат да го користат студентите, пензионерите и други категории за кои е донесена владина одлука.

До крајот на април се очекува во Македонија да пристигнат сите шесѕ возови од кинеската компанија. Освен набавувањето на новите возови, Владата моментално врши и реконструкција на сите железнички станици по Коридорот 10.

Реконструирана е и прилепската железничка станица.

Loading