ПИШТОЛОТ НА КОЗАР ВО ХРАМОТ НА СЛОБОДАТА

По 75 години

Од мајката кај синот, од синот, во музејот

Ризницата збогатена со нов експонат

Predavanje na pistrolot - Kozar so direktorkata u kustosot na muzejortУште една реликвија од потомците на првоборците од НОБ ќе биде поставена во витрините и ќе ја збогати историската поставка на меморијалниот музеј 11 Октомври, откако пред неполна година внукот на борецот Драган Спиркоски – Максот го извади од фамилијарните касели личното вооружување, шмајзерот, на неговиот дедо и го предаде во рацете на кустосите во музејот да остане сведок за идните генерации за едно бурно, слободарско време. Овојпат станува збор за пиштолот на првоборецот и најстариот учесник во нападот на затворот на 11 октомври во 1941 година, Мице Козар. Синот Благоја го донесе од Скопје пиштолот од својот татко и го пренесе на музејските работници. Оружјето од марката “Бровинг” веќе се евидентира за експонат за музејската збирка во специјалната витрина за Козар и Тарцан.

Потомокот, кој пред четириесетина години бил неколку години градоначалник на Прилеп, раскажува дека уште во 2000 година се носел со идеја од дома, во Скопје, да го предаде пиштолот на музејот во родниот град. Но, го попишманиле дека постои опасност значајниот семеен реликт да заврши во топилницата, а не во колекцијата во музејот.

Пиштолотдома”

Od domasnoto pango vo muzjeskata vitrinaМислата му се вратила и пред неколку дена ја остварил со доаѓање во Прилеп.

– Местото на пиштолот од татко ми е во прилепскиот храм на слободата, во Меморијалниот музеј 11 Октомври. Тој е центарот на историјата, јадрото на спомените за слободарската борба од непокорното блиско минато. Тука е ризницата на сведоштва за херојското доба, и тука треба да заврши и пиштолот од мојот родител, кој го чуваше мајка ми до смртта, а потоа ми го предаде – кажува 76 годишниот Козар.

Тој не знае каков “пат изодел” пиштолот да дојде во рацете на татко му. Според експертите, веројатно е дел од грабнатото оружје од прилепската касарна при бегството на српската војска и капитулацијата на Југославија во април 1941 година. Со пиштолот од белгиско потекло, “Бровинг”, произведен во средината на дваесеттите години од минатиот век, биле вооружани воените офицери и жандармеријата на Србија.

– Оружјето стигнало во рацете на мајка ми при средба со татко ми кај Богомила, каде што бил реонот на движење на неговата партизанска единица. Мајка ми со посредство на поп од Варош тајно отишла да се види со татко ми. При враќањето, тој í го дал неговиот пиштол и неколку куршуми за не дај боже, ако некој ја нападне по пат на враќање да се заштити или да го чува дома за одбрана на семејството. Тоа е предмет што го размениле на последната средба, оти загинал неколку месеци подоцна – вели Козар.

Сопругата на Мице, Марија Шкоргова Козароска со болка во душата, со пиштолот го негувала споменот на својот партнер. Љубоморно го чувала во домашното панго, подалеку од љубопитните очи на децата. Одвреме-навреме го разгледувала да í се вратат убавите брачни мигови во кусиот пат со својот сопатник.

– Кога станав саглам маж, мајка ми ми кажа за пиштолот, што не знаев дека бил дома со години. Ми го предаде. Со другарот проверивме дали е употреблив. Надвор од Скопје го пробавме, стрелајќи во канта и потврдивме дека е функционален. После го испитав квалитетот преку интернет. Открив дека е ефикасен и мал. Му ја извадив ударната игла, случајно да не дојде во лоши раце, и го конзервирав. Со годините, веќе е малку зарѓан и корозијата ја оштетила цефката – објасува Козар.

За светот беше само војник, а за мене цел свет

Uste eden svedok vo ucastakotПиштолот е семејно благо и мементо за паднатиот Козар.

– Секогаш се носев со мислата дека не е само мој или на семејството, туку му припаѓа и на Прилеп. Понекогаш ќе го извадев од крпата и ми излегуваше ликот на татко ми. Ми ја надоместуваше празнината што не го знаев, оти сум имал неполни три години кога загинал. Ми се причинуваше дека го гледам како што го знаев од сликите. За мене е како епитафот на еден крст на гробиштата на паднатите Англичани во Ал Алемаин во Египет во Втората светска војна, каде пишуваше, “За светот беше само војник, а за мене цел свет”. Секогаш ја носам таа мисла во срцето, гледајќи го пиштолот. Сметав дека не е голема колективната загуба, ама личната е вечна и безгранична. Имав морална обврска пред себе да го зачувам и да го предадам во родниот град. Едната од ќерките од Скопје реагираше дека пиштолот е од семејството, а не само мој. Ми рече, “Колку што е твој, толку е и мој”. Но, имам и уште две ќерки, една е во Америка и во Швајцарија, и ќе направев проблем – кажува Благоја Козар.

Кустосот Рубин Белчески е среќен што ќе се збогати посебното пано за Козар и Тарцан во музејот со уште еден експонат, оти смета дека двајцата борци се непрогласени народни херои. Пиштолот дојде на местото каде што припаѓа. Тој е исклучително значаен музејски експонат, оти приказната што ја носи е важна не само за посетителите, за музејските работници, туку и за македонската историја.

– Голема е веројатноста дека со него Мице Козар пукал при нападот на затворот на 11 октомври 1941 година. Тоа е дополнително откритие за славното минато – вели Белчески.

Подарокот од семејството Козар ја зголемува збирката на оружје и воена опрема во Музејот.                              

Со деца по светлина

Jandre spomenik vo Prilep 1Мице Козар е највозрасниот партизан од 16 учесници во трите групи при нападот на затворот, участакот и поштата на 11 октомври 1941 година. Бил на возраст од 31 година со девет години комунистички стаж. Тој бил командант на велешкиот партизански одред “Димитара Влахов”.

Уште во 37 година со Трајко Бошкоски – Тарцан, со кој биле многу блиски, затоа се бистите во Прилеп една до друга, го забоделе црвеното знаме на Тапанче, на Марковите кули. Се пријавил и за учество во војната во Шпанија против Франко. Осуден е трипати на смрт пред војната. Загина при крајот на 1942 година кај селото Нежилово, а речиси нераспаднатото тело го нашле ловџии во осојницата на спилите над селото три години подоцна или по завршувањето на војната. Од семејниот гроб моштите се пренесени на Могилата на непобедените.

И во Богомила е поставена биста. Семејството и планинарите од Тутунскиот комбинат кренале спомен-чешма на местото на загинувањето, што се најдува на патеката за врвот Солунска глава. Стојко Иваноски Планински напишал и книга. 

Козар бил татко на две деца во 41 година. Храброст и големина е да се остави семејството и да се тргне по патот на слободата.

Loading