ПРОЧКАРСКИ ВИКЕНД

Suratite zastrasuvaat i zabavuvaatДва карневалски дена ќе трае меѓународниот карневал “Прочка 2016”. Над 1.500 групни и поединечни маски ќе продефилираат викендов во рамките на 15-тото издание. Стартот на манифестацијата е денеска напладне во Центарот за култура “Марко Цепенков” со традиционалната изложба на маски и цртежи што ги прават учениците од основните и средните училишта. В сабота е дефилето на детските маски.

– Парадата на карневалските учесници до 12 години ќе почне од основното училиште “Кочо Рацин”. Како придружни настани се: куклена претстава, маѓионичари, жонглери, акробатска претстава на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”. Сето тоа ќе заврши со заедничка забава – вели Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа.

Главен настан е карневалското дефиле, в недела, од 13 часот, на булеварот. Ќе се претстават маски на домашни и странски учесници. Освен од Прилеп и повеќе градови од Македонија, најавени се учесници од Србија, Хрватска, од Словенија, Грција, од Албанија, Бугарија и од Италија. Се очекува да присуствува и претседателот на карневалската асоцијација на европските градови, Ван дер Крон.

– Ќе имаме многу маски – учесници од земјава, Балканот, од Европа. Угостителските објекти и хотелите се веќе организирани и резервирани се капацитетите за гостите. Советот на општина го продолжи за два часа работното време на угостителските објекти. На граѓаните и на гостите им останува со себе да понесат само добро расположение и карневалска маска – вели градоначалникот Марјан Ристески.

В недела од 19 часот во Центарот за култура е ретроспективната изложба за досегашните карневалски случувања низ годините, како и промоција на монографија за Карневалот. Два часа подоцна во хотелот “Липа” е заедничката карневалска забава со наградените маски од годинашниов меѓународен карневал.

Карневалот е одраз на вековната традиција на маскирање за верскиот празник “Велики Поклади – Прочка” и со долго одржување на обичаите на касапите, Мечкари, кои в понеделник се собираат на посен грав во манастирот Свети Ѓорѓија. 

Loading