ДОМАШНИ ИГРАЧИ ДА ГО НОСАТ ТОВАРОТ

Ракомет: Рубин Богојески е нов тренер на женскиот Прилеп

– Приоритет е обуката на сопствениот кадар

Dogovorot se pocituva - Rubin BogojeskiПромена во женскиот ракометен тим на Прилеп. На првиот пролетен куп-меч со фаворитот Металург во Скопје, наместо Жане Дисоска екипата ја водеше досегашниот помошник Рубин Богојески. Поранешен бек е на Тутунски и настапувал во Словенија, Косово и Грција. Како тренер беше инволвиран во клубот Прилеп Р/3.

Како помина првиот меч?

– Најбитно беше да одиграме, да не се откажеме. Настапивме со иста постава и само со една – две измени, оти имаме на располагање неколку премлади девојчиња. Голмани беа Наумоска и Богеска, крила Ѓорѓиоска и Рипилоска, бекови Јовановска, Ристовска и Митроска, а првпат пивот беше Камческа, по повредата на Кимоска. Крстевска играше во одбрана и секаде пополнуваше на бек или крило.

Задоволни ли сте од изданието?

– Девојките го почитуваа договореното. Добро одиграа до финишот. Нападот даде 25 гола. Не е малку на силниот противник. Бекот Јовановска постигна дури 13 гола, од кои 12 од игра и еден од пенал. Процентот беше фантастичен – реализација од 14 удари. Имавме девет негатива до две минути пред крајот и со играч повеќе, наместо да намалиме на шест – седум, примивме уште три.

Што се случи?

– Имавме и избрзани шутови и  технички грешки. Концентрацијата попушти. Неискуството го направи своето. На поправање на овие пропусти ќе посветиме посебно внимание на тренинзите до стартот на првенството предвиден за 26 март.

Одредивте приоритет?

– Приоритет е да се гради екипата од сопствен кадар. Младите да го носат товарот. Нека има засилувања таму каде што мора, но и нашите да го даваат придонесот, да бидат носителки. Добро е ако максимално се вклучат, се активираат како во саботата што се случи кога Рипилоска и Камческа беа меѓу стрелците.

Пролетва е борба за плеј-офот?

– Имаме шанса, оти сме со девет бода. Играме против директните конкуренти Пелистер и Овче Поле. Само еднаш да победиме, ќе продолжиме во плеј-офот. Се надевам дека ќе бидеме комплетни, оти Аџулеска уште не е приклучена, а Јовановска ја повреди ногата на последниот дуел.

Лигата е премала?

– Само седум тима, со Вардар осум. Првенството бргу ќе заврши за тие две екипи што ќе отпаднат. Затоа има предлог сите да влезат во плеј-офот. Би требало и во едната и во другата варијанта да бидеме во друштво со најдобрите.

УЧев од Чурлевски

Вие ги обучувате девојките, а кои беа Вашите учители?

– Многу научив од Чурлевски, кој ми беше тренер во Косово. Човекот беше доктор за ракомет. Претходно купував знаење од Зечевиќ, Богдан Маковеј и од другите, домашни стручњаци.

Loading