ТУТУНАРИТЕ СЕ ГЛАДНИ ЗА СПОРТ

Миле Талески, новинар

Прилеп беше најголем спортски центар не само во Македонија, туку и пошироко. Немаше спорт што не беше застапен во градов, во машка и женска, во екипна и поединечна категорија. Беше раритет за цела Југославија присутноста по 20 илјади гледачи на стадион. Рекордите на ракометните мечеви се ближеа до 5000, но салите не можеа толку да соберат.

– Ова што се случи со Победа треба сите да нé загрижи. Не може да живееме во ропство на еден човек што нé казни осум години. Толку долго да не може прилепскиот тутунар да гледа квалитетен фудбал. Не требаше и ФФМ да дозволи Победа да биде казнета за некаков инцидент седум натпревари. Знаеме дека беше претепан судија во Струга, па клубот го помилуваа. Зошто клупското раководство не даде жалба? Зошто ја призна вината, кога се знае дека инцидентот беше порачан од непријатели на Победа – жали Талески.

Тој прогнозира дека има фудбал уште годинава да се вратиме во Првата лига.

Прилеп на фудбалски план ја има Победа, но ни 11 Октомври не смее да згасне. Како Љуботен најстариот клуб. Да се најде спонзор и раководство што ќе го одржува. Не мора да игра во погорен ранг, нека биде третолигаш. Силна Победа може само со силен 11 Октомври. Како што силна репрезентација може со силна Победа. Од Победа излегоа репрезентативци, селектори. Федерацијата ја водеа наши луѓе и репрезентацијата беше над 50 место, а сега е под 130 во ФИФА – коментира Талески.

Градов има потреба од силна спортска организација. Треба да профункционира Сојузот на спортови.

Сали и терени сега има, а некогаш имавме и спорт. Зошто двете големи сали не функционираат? Да гледаме ракомет комотно, не пред 200 гледачи, кога можат да бидат 4000. Гладен е народот за спорт и треба да му се обезбеди тоа задоволство – завршува Талески.

Loading