ЖИВОТ НА ВЕРЕСИЈА

Колку чини безготовинското плаќање

Можностите за купување и управување со парите се поголеми од било кога. Со многуте банкарски опции за платежни картички, многумина размислуваат која нуди најголеми поволности. Дебитните картички стануваат сé популарни и така речи денес “срамота” е да немаш картичка и да чекаш во долгите редици во банките за готовина, кога на секој чекор се најдуваат автомати. Дебитна може да има секој вработен и ако постојано сметката “му се радува” со одреден прилив на пари. А и невработен, на пример, ученици и студенти, кои добиваат од родителите за школување со обични транфери од една на друга сметка. Но, со нив се троши колку што е расположливото салдо, односно колку што има пари на сметката. Картички се користат безготовински со плаќање во дуќани, супермаркети, насекаде. Полесно е без готовина, а и побезбедно е да не се шетаат куп пари во паричникот, туку да се складирани  во “пластика”, чип.

Расте и интересот за кредитни картички, кои пак се форма на  помали кредитирања на банките на своите клиенти, се разбира за соодветен интерес. Причината е, можеби, брзиот и практичен пристап до позајмицата. Не само што се најатрактивни и со најголеми “поволности”, туку се скапа играчка, односно најскап извор на финансирање. Лесни се за пазарење, но тешки за раздолжување. Често парите од кредитната картичка завршуваат за крпење на месецот, да се платат сметките, да се купи храна, па и некое парче облека. Така, расте бројот на корисниците, но и задолженоста.

Прилепчани ги “чепкаме” во нивните “паричници”. Различни се одговорите на прашањето дали и за што ги користат дебитните или кредитните картички. Колку чини безготовинското плаќање? Има разни одговори. Едни уште не користат картички, на други не им паѓа на ум да се задолжат со кредити, оти уште им “тежи” сметката со парите од тутунот. На некои ќесето не им тежи со кеш, туку не можат да замислат да пазарат без електронска картичка. А помладите се позаинтересирани за кредитните картички и за станбените кредити, оти размислуваат за семејство, особено со атрактивните проекти, “Купи куќа – купи стан” или “Купи куќа за млади”.

1. Vase PetreskaВасе Петреска: Картичката како платежно средство ја користам секаде. При пазарење во маркети, во бутици, секаде каде има читач. Ретко имам кеш, оти е полесно и не се заморувам со сметки. Задолжувањата се исплатливи и не се високи каматите.

 

 

 

 

 

 

2 Dejan MileskiДејан Милески: Користам дебитна картичка, кога немам кеш за в маркет, за шопинг, за набавки на бела техника и апарати за домаќинството. Кредит немам, оти го исплатив. Го користев за реновирање низ дома и некои други ситници. Неизбежен е кредитот ако не се составува почетокот и крајот на месецот.  Се троши. “Интересни” се кредитите. Не е тешко да се платат, но ако се помали. Размислуваме за кредит, “Купи куќа за млади”, но прво да видиме кои се опциите. Актуелен е и одличен е проектот. Се надеваме ќе успееме. 

3 Renata JoveskaРената Јовеска: За сé користам картичка. Ми се наоѓа за пазарење, а за шопинг најмногу. Немам кредит, а би можела понатаму. Особено ако сакам да купам стан или за реновирање дома. Сметам дека е доста поволно и може да излезе во пресрет во “зло време”. Не сум многу запозната со задолжувањата и каматните стапки, но сметам дека би излегла на крај за неколку години. Кога нема доволно пари, кредитната картичка е добредојдена.

 

 

 

 

 

4 Dusanka AtanasoskaДушанка Атанасоска: Користам само дебитна картичка за пазарење по маркети. Високи се задолжувањата. Најубаво е во готовина. Но, кога немаш некогаш доволно, при рака е картичката. Завршува голема работа. 

 

 

 

 

 

 

 

 

5 Zlate ZdraveskiЗлате Здравески: Не размислувам за кредит, оти високи се каматите. “Скапи” се и на кредитната картичка. Картичката има повеќе предности. Има попусти, се плаќа на рати, сепак претпочитам готовина.

 

 

 

 

 

 

 

6 Nikola AtanasoskiНикола Атанасоски: Возрасни сме, имаме куќа и немаме потреба за кредит. Пензионери сме, па не можеме да земе кредит и да сакаме. Синовите, ќерките земаат, оти без кредит не можат да живеат. Им помагаме во ратите. Се грижиме за внуците. Кредитот е добра работа, оти е штедење однапред. Ако си кредитоспособен, повеќе имаш есап кредит, отколку да собираш да купиш нешто.

 

 

 

 

Рада Савеска: Користам картички, најчесто за пазарење, а поретко за купување апарати за домаќинството. Има предности ваквиот начин на пазарење, оти можеш да земеш на повеќе рати. Но, лошо е, оти, откако ќе почнеш, “залауфуваш” и сé повеќе заглавуваш. Кредит е “дозволен” само за важни потреби, за реновирање дома, особено ако немаш други примање отстрана. Има доста работа во куќата. Нема што не треба, градба, доградба. Не стасуваат парите, деца се женат, мажат. Високи се каматните стапки, но морав и зедов. Инаку не доаѓа во предвид. Да се задолжиш, па после да му ја мислиш. И децата ќе отплаќаат. Сите ќе оделуваме по нешто од платите. Не може сé со кредит. Работиме и тутун и со него поминавме свадба. Младите би зеле кредит, ако им држи џебот. Поволности се првите години, но секое задолжување е тешко.

Мирјана: Користев картичка, ама ја откажав отакако го доплатив кредит за да не ми задржуваат провизија. Еден кредит зедов, оти имав реновирање низ дома и толку. Поволности не знам дали видов, оти со него повеќе заглавив. Се спасив, да си немам повеќе работа.

9. Samedin ImeriСамедин Имери: Користам дебитни картички за потрошувачка. Повеќе за секојдневни работи. Со кредитна картичка купив телевизор. Поволности се дека може на рати. Задолжувањата не се високи и поради таквите поволности ги користиме. Се спасуваме да не носиме кеш. Модерно време е. Имам земено и потрошувачки кредит за елементарни потреби. Уште немаме таков луксуз да го користиме и за реновирање или купување на куќа. 

Иако е најголем бројот на дебитни картички, како најпрактични и неизбежни во секојдневното живење, оти значат колку пари имаш на нив – толку трошиш, расте и бројот на кредитни картички, оти се најатрактивниот и најлесен начин за задолжување. Но во исто време и најскапиот извор на пари, оптоварен со редовни и казнени камати.

Како и да е, речиси секој располага најмалку со една картичка во ќесето, а кои се поволностите и маните што го олеснуваат џебот, тие си знаат. 

Loading