ВЕКОВНИОТ КЛАВИР НА БАРАБАН?

Семејна балада за стариот виенски инструмент

Иако буди многу спомени, семејството Црвенкоски го огласило за продажба најстариот инструмент во градов поради тесниот станбен простор

1Најмалку едновековниот виенски концертен клавир Карл Кушера служи за полица за цвеќиња и витрина за телевизискиот екран во домот на семејството на Ѕвонко Црвенкоски. Сопственците само собираат прав. Блеска фурнирот на политираниот инструмент, направен од ореово дрво. Иако ги нема сите бакарни жици и пипки од слонова коска, не е наштиман со децении, клавирот дарува кадифен тон, различен од другите. Донесен од Зрењанин за сегашни околу десет илјади евра пред 60 години, бледнее и венее без некој да ги стави прстите на црнобелите пипки и да го разлее моќниот звук на стариот инструмент. Поради тесниот животен простор веќе е огласен за продажба. Семејството сака да се раздели од практични причини. А и децата на Ѕвонко одамна не ја допреле клавијатурата со осум октави и 58 бели и 32 црни пипки. И братот Златко, за кого бил купен клавирот да му биде машина за пишување на хармонични музички бисери, заборавил кога последенпат фрлил поглед на првиот инструмент дома.

Браќата велат дека клавирот е завет на родителите, амајлија, семејна историја. Потекнува од престолнината на класичната музика, Виена. Иако во симфониските оркестри е цар на инструментите, кај Црвенкоски е оставен нем да буди сеќавања за полно радости и фамилијарни веселби од минатото. Наместо да биде живописен музички говорник кој зрачи убавина и вдахнува уметнички шарм, го гризе забот на времето.

Според производствениот број што го носи, е нешто повеќе од две илјадити примерок на познатата работилница за клавири и пијана од Виена на браќата Кушера, која првиот инструмент го создала во 1873 година.

Samo cistime prav - Zvonko Crvenkoski– Мајка ми беше Романка и при посета на своите во близина на Зрењанин во 1963 година, разбрале дека некои Германци ќе се отселуваат и го продавале за тоа време вредниот клавир. Така го пазареле за брат ми, кој тргнал да свири на клавир во основно музичко училиште на деветгодишна возраст. Според сознанијата од интернет, инструментите се дело на виенскиот познат производител. Издржливи се сите продукти. На пазарот на антиквитети немаат некоја висока цена, иако некои примероци се постари. Се најдуваат за неколку илјади евра – кажува Ѕвонко за инструментот од брат му што му зафаќа дома десетина квадрати од станбениот простор.

Da sviram doma klavirot go vnesoa niz prozorec - Zlatko CrvenkoskiМузички поткованиот Златко со влажни очи ја памети средбата со инструментот додека тој бил дете. Тоа било градско чудо, зашто  клавири имале само три – четири семејства во градот.          

– Клавирот го внесоа дома преку прозорец. Му ги извадија ногалките и неколку амали успеаја да го провнат во собата. Сета среќа што живеевме, и сега брат ми живее, на првиот кат, па не беа потребни други помагала и алати за качување. Првиот допир ми предизвика возбуда, зашто даваше поинаков тон и боја од оној што го имав на располагање во музичкото училиште. Бев среќен, оти можев да вежбам дома кога сакам, да ги поставам нотните учебници и да “произведувам” колоритни акорди. Особен тешко се совладуваше Бетовен. Сепак, со силен елан, со секојдневно дружење со инструментот, постепено ја усовршував манипулацијата со клавијатурата. Даваше уникатна резонанца, мека, како да го гали сетилото за слух, срцето го следеше тактот, ја параше душата, полнејќи ја со емоции и водушевување. Предизвикуваше благородност, занес и уметнички амбиции. И на човек што не сака класика, ќе му го одвлече вниманието да се заврти да ги слушне милите тонови. Кога ги совладав донекаде мајсториите на класиката, се преориентирав какао тинејџер на поп музика. Песните на Битлси и Енималс, Ролингстоунси излегуваа во нови верзии низ клавирот, управуван од моите прсти. Фантазија се создаваше со импровизации и оригинални изведби – вели Златко кој поради гломазноста на инструментот во седумдесеттите години клавирот го заменил со електрична органа за да биде водач на неколку поп групи од тоа време.

a2Животните ветришта не го однеле повозрасниот Црвенкоски по музичките патишта. Заминал на други професионални патеки. Но, целата фамилија го доживува клавирот како семејна реликвија. На ум им паѓа да го продадат, но и да го подарат, да биде во близина, да го гледаат инструментот одвреме-навреме, оти им создава силни емоции и им ја враќа меморијата на едно време што не се враќа.      

Loading