Ќе раскажеме еден одамнешен настан. Една баба објаснуваше дека имале голема нива. Половината ја саделе со тутун, а другата половина – пченка и малку бостан. Некој почнал да краде од бостанот. Бабата се посомневала во комшијата кој имал тутун близу до нив. Решила да го следи. Едно утро, се подзасолнала во пченката. Комшијата, откако набрал тутун, се подраспулил лево – десно, мислејќи дека никој не го гледа, се упатил кон бостанот. Бабата вели: “Јас се подзасолнав зад пченката и назорум, назорум, по него. Таман се наведе да кине лубеница, јас зад него”. Сево ова го напишавме само поради зборот – НАЗОРУМ. Тогаш го слушнавме првпат. Потоа сме го слушале и повеќепати, но, речиси, и сме го заборавиле. Во последно време ретко се слуша или поточно, воопшто не се слуша. Пред некој ден го сретнавме тој збор (прилог за начин) во еден текст на Блаже Конески. Ете, се потсетивме на зборот НАЗОРУМ. Го побаравме во Речникот (тритомниот). Се разбира, таму е регистриран. А што значи тој збор? Помладиве луѓе веројатно и го немаат слушнато. Назорум значи – СКРИШУМ, КРАДЕШКУМ, ТАЈНО. Така е објаснето и во Речникот. Значи бабата одела по крадецот СКРИШУМ, КРАДЕШКУМ. Сега веќе нé не интересира бостанот од бабата, но нé интересира зошто овој збор е заборавен? Зозе Мургоски го има одбележано во својот Речник но, со назнака дека тоа е дијалектизам. Не се согласуваме. А и да е така, литературниот јазик се гради и се збогатува од лексиката на сите дијалекти. А овој збор комотно може да си најде место во секој литературен текст. И треба да си најде. Со неголема сигурност ќе приведеме еден податок што би одел во прилог на ова. Во Старословенско – македонскиот речник одбележан е зборот НАЗ’РЕТИ што значи набљудува, гледа. Можно е да е тука основата, коренот на зборот НАЗОРУМ. Сепак, велиме дека е можно, но не можеме на тврдиме. Важно, на зборот НАЗОРУМ треба широко да му се отворат вратите и тој да си влезе како рамноправен член во нашата лексика.
Во исто време, во текстовите на Блаже Конески сретнавме уште еден заборавен збор. Во постаро време, ретки беа помодерните џебни ножиња, што ги викавме ЧАКИИ или помалите – ЧАКИЧИЊА. Затоа ги употребувавме ножињата што ги произведуваа тогашните занаетчии – ножарите. Тие ножиња се склопуваа, на крајот од металниот дел имаа увце во кое се провираше врвца и се врзуваа за ременот. Рачките беа изработени од коска, поточно, од воловски или од биволски рогови. Тој коскен дел од ножето се викаше ЧКРЕНЧЕ. Ножарскиот занает е речиси исчезнат и производството на таквите ножиња сега веќе го нема. Можеби и затоа се заборави и зборот ЧКРЕНЧЕ. Го спомнуваме сега за да ги потсетиме постарите и да ги информираме младите дека такво нешто постоеше. Во определени литературни текстови тој може сепак да најде место. Убав збор е и што е најважно, наш е.
Еве, споменавме два збора чија биографија е скоро завршена. Ќе приведеме сега еден “современ” збор. Би рекле новосоздаден или поточно – погрешносоздаден.
Мошне често го слушаме зборот НАДОМЕСТ. На пример, “Надомест за пензиско осигурување”. А зошто да е НАДОМЕСТ?! Зошто да не биде НАДОМЕСТОК, како што треба, како што е правилно?!
Тој збор е именка добиена од глагол, од глаголот НАДОМЕСТУВА. Во Граматиката се одбележани сите наставки од именките кои се добиваат од глаголи. Наставка – ЕСТ, не постои. Меѓу другите, постои наставката – ОК: НАДОМЕСТОК, ВПЕЧАТОК, НЕДОСТАТОК и многу други. Најслична на претходната е именката НЕДОСТАТОК, добиена од глаголот НЕДОСТАСУВА. Никој не би рекол НЕДОСТАС. Тогаш зошто да се вели НАДОМЕСТ?! Нормално е – НАДОМЕСТОК. Редовно ја слушаме оваа грешка, како и многу други.
Во една ТВ емисија извесен доктор зборува за здравствените проблеми при променливото време. Откако изнакажа повеќе совети како треба да се однесуваме, вели дека секогаш треба да бидеме ОПРЕЗНИ, секогаш на ОПРЕЗ.
Секогаш треба да бидеме ВНИМАТЕЛНИ, ПРЕТПАЗЛИВИ и НА ШТРЕК. Нели, докторе?
А треба ли да се напомене, дека и во врска со јазикот, треба секогаш да бидеме “ОПРЕЗНИ”?
![]()

