ВИЗА ЗА ДВА СПЕКТАКЛА ГОДИШНО

Бокс: По успешниот „Прилеп фајт најт“

Moment od mecot Malicudis - MendesПрекрасни два – три часа се минаа на боксерскиот настан „Прилеп фајт најт“ во салата на СОУ „Ѓорче Петров“. Имаше што да се види и запамети од благородната вештина од воведните и главната борба. Највисоката оценка ја заслужуваат организаторите од Про бокс Македонија, БК Ас и КБК Шампион. Прашањето кое се наметнува е, можно ли е почесто случување на вакви манифестации во градов?

– Сé да мине во најдобар ред вложивме многу време и труд. Сатисфакција се честитките од сите страни, од Светската боксерска и Европската боксерска унија, од учесниците. Претседателот на грчката федерација за професионален бокс искажа големо задоволство. Ова нé мотивира да размислуваме за организација на два настани годишно – најавува Дарко Чатлески, промоторот.

Во центарот на вниманието беше професионалниот дуел во тешка категорија меѓу Англичанецот Даниел Мендес и Гркот Карилаос Маличудис. Во сите четири рунди по три минути се водеше тешка, израмнета борба. Црномурестиот Англичанец во стилот на Мохамед Али како да танцуваше, кружеше по маргините од рингот, држејќи се на дистанца. Гркот, бодрен од тренерот за секој потег со “браво, браво” делуваше поагресивно, но далеку од можноста предвреме да го реши мечот. На крајот судиите гласаа 39-37, 38-39 и 36-40 за победа на Маличудис.

– Тешка борба за бодување. Боксерите настапија врвно тактички внимавајќи да избегнат нокаут. Затоа имаше само обични удари за собирање поени – смета Чатлески.

За уживање беа и воведните борби, каде во убаво светло се претставија прилепчаните. Прво, демонстрација одржаа најмалите Матеј Чатлески и Ѓорѓи Шурлески. Потоа, во бокс, дебитантите Мартин Алексоски и Менан Амедоски извадоа нерешено со противниците од Скопје. Во истата дисциплина Ице Трајкоски оствари убедлива победа над ривал од Скопје. Во кик-бокс сите победија – Бојан Станојоски, Енвер Салиески, Трајче Илиески над охриѓани, а Коста Бочкароски над скопјанец.

– Секојдневно, стручно се работи со младите. Тие се талентирани и посветени. Перспективата е тука. Очекувам да го достигнеме највисокиот врв – оптимистички заврши Чатлески.

Меѓу публиката беше градоначалникот Марјан Ристески, а специјален странски гостин, светскиот првак Орландо Вит од Франција, кој одржа семинар и тренинзи наредниот ден со прилепските боксери.

Гркот го смени рингот

Првобитно беше планирано да има поставено низок ринг во салата, малку необично на иста основа со седиштата на гледачите. И покрај согласноста, морало да дојде до промена. Се спротивставил грчкиот боксер. За да не дојде до евентуално откажување, прифатена е сугестијата и донесен класичен ринг од штипскиот клуб Баргала.

Loading