НИЗ ТЕШКА ГРУПА ДО ЕВРОПСКА БРОНЗА

Карате: Нов успех на репрезентативките од Ронин

– Во Кипар, Македонија го подели третото место со Франција

Radost so trenerite - reprezentativkite na RoninНа Европското првенство за кадети и јуниори до 21 година, одржано во Лимасол, Кипар, репрезентативките од КК Ронин стигнаа до бронзен медал. Успехот на ова елитно натпреварување е дело на прочуениот ката тим од близначките Маријана и Мишела Димоски со Киријана Камческа, а се надоврзува на претходните од минатата година. Пред неполни три месеци беше освоено сребро на Светското во Џакарта, Индонезија, нешто подоцна и злато на Балканското во Дубровник, Хрватска. Во Кипар македонскиот тим се соочил со непосакувана ждрепка.

– Имавме многу тешка група со фаворитките од Германија, Шпанија и Словачка. Во првото коло ја елиминиравме Германија, со што вторпат ѝ нанесовме пораз по оној во Џакарта. Во меѓувреме, по победата над Словачка, тимот на Русија беше нашиот следен ривал, кого го совладавме со убедливи 4-1 – информира Златко Димоски, тренерот.

Доаѓа на ред клучниот дуел што решава за патникот во големото финале, Македонија – Шпанија. Македонските девојки настапиле силно мотивирани и убедени во триумф, имајќи предвид дека истиот противник го елиминираа во Џакарта уште во првото коло, иако беа актуелните светски шампионки. Меѓутоа, дерби како и секое друго, одлучуваат нијанси, но овде се покажува дека каратето како спорт не е исклучок кога се во прашање судиите. При гласањето има доволно простор за субјективноста, наспроти објективноста на што обврзува етиката кон делителите на правдата.

– Убедливо нашите беа подобри од Шпанија, а загубивме тесно 2-3 со судиска одлука, која наиде на негодување. Очигледна пристрасност, особено на судијата од Португалија, по националност Шпанец. Бевме многу револтирани – истакнува Димоски.

Шансата за медал не е загубена во мечот со Белорусија. Прилепчанките ги даваат последните сили и висока концентрација. Ја пребродуваат претходната неправда и го добиваат дуелот за бронза.

-Важна победа над Белорусија. Наместо радост, видлива беше  разочараноста, оти им се одзеде финалето – вели Димоски.

Бронзата е потврда за врвниот квалитет на овој ката тим каде во јуниорска конкуренција е со близначките Димоски и Камческа, а во сениорска со Пулексенија Јованоска. Успехот е во двете категории во последните три години, бидејќи се наредија едно светско сребро, две европски бронзи, злато и бронза од Премиер лига… Тука се додаваат и многу балкански титули, така што Балканот е одамна надминато ниво за каратистките од Ронин.

Шпанија стана шампион

Колку прилепчанките биле блиску до златото покажува расплетот на Европското првенство. Тимот на Шпанија кој требаше да биде совладан, успеа да ја освои титулата. Во финалето постигнала победа над Италија. Така, редоследот е Шпанија, Италија, Македонија, Франција, а без медал се фаворизираните Германија, Турција и Словачка.

Loading