КАЗНИ ПО МЕРАК

Реакции

После нашиот коментар за казните од осум години на претседателот на УФЕА, Мишел Платини и на ФИФА Сеп Блатер, како и за поранешната оставка на претседателот на Комисијата што ја суспендираше Победа осум години, Питер Лимахер, со дополнителен став се огласија многу наши сограѓани. Издвојуваме тројца од нив.

Миле Талески, новинар:

– Многу го сакав Платини. Можеби не е фер, ама Господ го казни. Како фудбалер ми беше љубимец. Не ми одговори на две писма, каде го запознав каков фудбалски град беше Прилеп. Не одговорил, оти, наводно, не знаел англиски. Победа и цел Прилеп со делегација до УЕФА треба да се жали и да бара отштета со изградба на стадион за 20 илјади гледачи.

Петар Коруноски – Ечето, навивач:

– Платини е премалку казнет. Исто колку Победа, која е казнета на недокажано, плус Ацуле доживотно. Платини со толкави суми и корупции полесно помина. Ако казнуваат, сите нека ги казнуваат, ама праведно и рамномерно. Ако треба со ред од Реал и Барселона, името да не игра улога. А тие, на рекла – кажала, ја суспендираа само Победа, единствена во цел свет, за да речат дека нешто крупно сработиле.

Драги Башески, новинар:

– Казни по мерка. Бидејќи луѓето кои ги изрекоа драконските казни на Победа направија голем грев. Не ја бранам Победа дека не згрешила, но сметам дека постапката на Платини и Лимахер е многу некоректна. Не се водеа од сличен претходен пример, туку како да истресоа казна од ракав. Немам злоба, туку порачувам дека секој треба прво да погледне кон себе, потоа да им суди на другите.

Loading