СЛОЖНИ БРАЌА ПРАВАТ МИЛИОНИ В СЕЛО

Не плачат за градот четири генерации во семејството Пуцакоски во Големо Коњари

И на наследниците со компјутери и интернет, на ум не им паѓа да бараат леб во странство

NOSECKA Del od vrednoto semejstvo PucakoskiАсфалтниот пат води до големите куќи како палати на повеќечленото земјоделско-сточарско семејство Пуцакоски во селото Големо Коњари низ сонце што ги мрзне магарињата и сечко што коси на пет степени под нулата. Снежната покривка го обелила селото, а на посланиот чист двор со бекатон плочки, најстариот член Пуцакоски, Милан, со сопругата Даница и најмалиот правнук Давид посакуваат бујрум и добредојде. Покрај паркираните два џипови и други автомобили, 86 годишниот старец, подгрбавен се потпира на бастун, додека низ оџаците излегува чад и низ дворот се шири пријатна миризба.

– Снаите подготвуваат пивтија и палачинки. Ги бива за сé, од земјоделски до домашни работи. И снаата за внукот, мајката на малиот гален правнук, е пргава како видра. А јас одам со бастун од петелење. Се топорев да кренам свиња од 150 килограми и ми крцна нешто во половината. Оттогаш останав алипен, подгрбавен – кажува старецот, татко на 53 годишниот Марјан и на 62 годишниот Борка.

Умот му е чист, небаре срча. Раскажува како сега да е кога бомбата од 700 килограми од Втората Светска Војна заглавила во нивната нива пред повеќе од седум децении, а по негово повеќемесечно укажување, државните стручни служби пред десетина години ја детонирале на местото со такаречи евакуација на селото и неколкучасовна блокада на патот Прилеп – Крушево.

– Се крепи татко ми за годините. И мајка ми е на нога. Двајцата се на иста возраст. Си го прават изметот сами. Дури стариот е помош во сточарските и земјоделските работи. Нé буди во малите саати кога некоја од 70 крави ќе се тели да го следиме доаѓањето на свет на телето или да повикаме ветеринар. Станува пред петлите да запеат, во мугрите, и првин прави обиколка на шталата со добитокот. Корисни се неговите искуства во земјоделството – велат браќата Пуцакоски.

Повеќечлената фамилија живее во две раскошни куќи, стокмени тк-м-тк, од парно греење, ламинатни подови, модерен мебел, до лаптопи, ХД телевизори и интернети. Не се плачат што животот го тераат в село, зашто сметаат дека населените места не се извор на сиромаштија, туку на богатство, ако се работи и се следат новините во земјоделството и сточарството. Не им паѓа на памет за странство. Се стремат да го продолжат животот на родната грутка. Кај нив важи мотото, “фали го градот, живеј в село”. 

– Градот ни е на дофат, на девет километри. Кога немаме работа, пиеме кафе в град, муабетиме со пријатели и откриваме интересни и корисни информации што ги ползуваме во сточарството и земјоделството. Низ чаршијата, на несакање, купив апарат за молзење на двете крави пред петнаесетина години, иако не ми беше потребен.  Од Битола го зедов и ми понудија расни крави на кредит. Купив три. Се чудеше целото село како ќе се хранат. Но, ем ги исхранивме, ем ги размножувавме, ем го вративме кредитот. Постепено, со многу труд, стигнавме до фрижидер за складирање на млекото за откуп, зашто во просек кравите даваат над тон ипол млеко дневно, кое го презема и редовно го плаќа млекарницата Шипка – вели Марјан.

Добро се живее на село. Не се жалаат.

– Обезбедуваме храна за домашните потреби. Одгледуваме по неколку свињи и оставаме јунци за домашната трпеза. Полн е дворот со кокошки. На јајцата не знаеме што да им правиме. Се давиме со млеко. Кој колку сака. И сирење на претек. Само јогурт купуваме, оти не го бендисуваат домашниот, иако киселото млеко е густо како путер со нож да сечеш. Не ни недостасува урбаниот живот. Сé е блиску и достапно. Кога сакаме сме в театар, на изложба, на вечера, на прошетка, во кафетерија в град – кажува Марјан.

Вели дека државата им е силен ветер в грб на земјоделците и сточарите.

– Добиваме субвенции за млеко, за телиња, за јунци, за јачмен, пченица, царевка, детелина. Користевме државни средства 50-50 за приклучна механизација и трактор. Од УСАИД добивме систем за наводнување, “капка по капка”. И прикупивме  да стасаме до осум декари за пиперки. Нема обезбеден пласман на пиперките, па системот го користиме за наводнување на неколку декари тутун што го одгледуваат сопругите. Располагаме со неколку трактори, од кој еден е мошне моќен, со многу плугови, кој зиме грее и лете лади во кабината. Имаме комбајн и друга потребна механизација. Нема саглам производство без вложување во техника и наука. Инвестиравме околу 200 илјади евра. Сум следел и уште посетувам семинари за унапредување на земјоделството и млекопроизводството. Зедовме на концесија 40 хектари државна земја. И на своите 20 хектари плус, посејуваме култури за сточна храна. Изградивме базен за силажа, за сточна храна од зелената маса на пченката, која двојно ја зголемува млечноста на молзниците – додава Марјан.

Но, тесно им е на Пуцакоски во бизнисот. Шталите веќе не ги собираат сите говеда.

– Нужно е да се прошириме не само за место за кравите и јунчињата, туку и за складишниот простор за сточна храна, па и за други потреби. Ќе направиме нешто за развој на бизнисот, кој изгледа дека тече како подмачкано, ама не е баш така. Има маки. Јунците за месо никој не ги купува. Цените се ниски, а грлата стигнаа до половина тон. Нема системи за наводнувања на нивите. Лани нé поплави водата, а има лета кога капка не капнува. Бизнис не се тера ако се чека само од Бога – вели Борка.

1. Snaata go sovladala marifetot na bienoto sirenjeИ младите Пуцакоски ги следат повозрасните. Едниот син на Марјан веќе студира земјоделие во Скопје, другот е среднист за ветерина, а најмалиот е на крајот од деветтолетката. Со компјутерите и интернетот, со фејсбукот и гуглањето, не се разликуваат од градските врсници. Им помагаат на родителите да најдат на интернет некои привлечни новини, да ги применат и да го унапредат сточарството и земјоделството. Синот на Борка е возач на градски автобус. Му излегла прилика и се вработил. По воланот, ги обува чизмите и влегува во шталата на чистење или хранење на добитокот. И снаата го совладала марифетот од свекрвата да прави биено сирење за домашни потреби. Ќерката на Борка е докторка, мажена во Скопје.

2. Vnukot po dedovite stapki - Borka so DavidНеколку луѓе надвор од фамилијата, јадат леб, односно гледаат семејства со ангажман на земјоделските и сточарските работи кај Пуцаковци. Браќата водат сметка за сестрите, едната во Прилеп, а другата во Скопје. Им праќаат домашна храна од татковата куќа, да им замириса домот мискојна.

Милан е ќефлија што го наследуваат децата, внуците, а се надева и четвртата генерација, засега петте правнуци. Пуши страсно цигари една за друга. Не го пушта од раката четиригодишното правнуче Давид.

 

Loading