ОБОСТРАНИ НАСМЕВКИ

Тутунот претендира на просек од над 190 денари

Во регионот влегуваат 65 милиони евра

Platen rodot kako bendemeСе остваруваат проценките на лидерот на тутунарите Данчо Милески дека годинава тутунот ќе постигне повисока цена во споредба со лани. Веќе се откупени над 11 илјади тони од скусената ланска реколта, која според Милески ќе тежи околу 20 илјади тони. На половина од откупната кампања, просечната цена веќе минува 186 денари. Тутунарите ги тријат рацете и најавуваат зголемено производство за следната сезона.

– Годинава родот беше со висок квалитет, макар што некои тутунари и не ги собраа последните листови од страковите, бидејќи стравуваа дека нема да се исуши родот и ќе мувлоса. Кога времето е сојузник, тогаш е добро. Ретко квалитетна година. Сите сме ќар, и, ние, производителите, и откупувачите. Просечната цена од над 186 денари е стимулација за раст на површините од десет на 15 декари за в година – вели тутунарот Илија Стојаноски.

Стручнаците оценуваат дека иако откупот не е окончан и дека за на вагите остануваат да се мерат уште околу десет илјади тони, се очекува раст на просечната цена.

– Тутунарите, по традиција, се претпазливи и тактизираат. При крајот на откупната сезона во февруари го предаваат врвот или првата класа. Тоа ќе се случи и годинава. Затоа реални се очекувањата просечната цена да замине 190 денари. И откупувачите малку ги релаксираа линиите за проценка по првичната внимателност и проценка на квалитетот и расположливите количества и реакциите на конкурентите. И брзата исплата за неколку дена има влијание на расположението на тутунарите. Засега, откупот тече во релаксирана атмосфера, која со сегашните цени ветува зголемување на продукцијата в година – велат експертите.

Според проценките, тутунарите од прилепско, кривогаштанско, долненско и димирхисарско со над 15 илјади кооперантски семејства ќе инкасираат над 50 милиони евра. На оваа сума треба да се додадат уште 15 милиони евра субвенции, кои тутунарите ќе ги добијат на сметките по епилогот на откупната сезона, можеби и порано со оглед на очекуваниот покус период на преземање на родот кој би требало да заврши со крајот на февруари, а не до 31 март.

Како и да е, тутанарите имаа добра година, а откупувачите складираат за преработка висок квалитет. Чести се насмевките на двете страни.        

Loading