Крај храмот во изградба Св. Јован Крстител кај Маркова Чешма
Понесени од верувањето на чудотворноста на богојавленската ноќ пренесувано од колено на колено, и годинава околу 250 верници, на полноќ помеѓу 18-ти и 19-ти јануари, кога небото се отвора и Бог се појавува, се миеја со светата вода за здравје и среќа од бунарот на храмот во изградба Св. Јован Крстител во местото Круша. Повеќемина го знаат местото како Маркова Чешма каде се случуваат чуда, каде многумина себап видуваат и со водата се избавуваат од маки и страданија.
…Во глувата доба во предвечерието на празникот Богојавление, ечеа црковни песни од грлата на насобраниот народ со свеќи в раце кога се вкрстуваат ветровите кои дуваат зиме и лете. Кога чукна полноќ, светлото се изгасна додека тишината ја параа зборовите на молитвата Оче наш, а сите погледи беа вперени кон небото. Тајно, со мислите, некои со тивок шепот на усните, од Бога побараа да ги услиша желбите, среќа да вдахнат и грутка да им падне од срцето, солзата да престане, лицето со насмевка да се исполни. Ги грееше вербата во Бога и надежта дека на полноќ се остваруваат сништата. И тогаш кога сите се собраа околу бунарот да се замијат со светата вода, студот ја оковал во мраз чудотворната течност. Писнаа жените: “Молете се, Бог да се смилува, да ги пушти водите”, додека шепотеа Господ да ги помилува.
Се случи чудо. Од бунарот, длабок околу 40 метри, се извлече првата кофа со вода. Иако беше малку, но доволно “сребрените” капки да се стават по лицето. Први се попрскаа домаќините и голтнаа по капка од лековитата вода. Редица во исчекување вода со чудотворна моќ. Студот не ги враќа нозете од светото место.
Чест е домаќинлакот на чинот што се негува веќе 10 години. Шестмина иницијатори ставиле камен, темел, на манастир посветен на отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител. Изграден е и параклисот, а се креваат и конаци.
– Народот најде катче за молитва, за дружење, да бидеме поблиски, да не се расправаме. Од шест души, се “сторивме” четириесетина. Доаѓаат од 200-250 луѓе зависно од годината. И на минус 20 врие народ. Студот не ги спречува, битно им е да се дел од светиот чин. Колку е постудено, толку е подобро. Како што кажуваат, ако за Водици замрзне крстот, ќе имаме плодна година – вели ктиторот Пеце Китаноски, еден од иницијаторите на храмот.
Градбата на параклисот, како предвесник за голем манастир со конаци е како кокиче за пролет.
– Параклисот ќе го создаде манастирот. Проектот е голем. Процесот за урбанизирање траеше две години, оти сакавме градба за век и веков. Првин донесовме чакал за пат, па струја, вода, бунари. Годинава предвидена е градба на мал конак за 50-60 лица. Ќе градиме и голем конак со трпезарија за 300 луѓе. Цигла по цигла, народот ќе изгради манастир создаден со пот. Народот да се вгради во него. Со секој камен е искажана љубов кон Бог. Секој дар е желба. Колку повеќе цигли, толку повеќе желби, толку повеќе љубов. Така се раѓа духовниот храм Св. Јован Крстител. Ние сме само божји “слуги” да помагаме – додава Китаноски.
Сé помасовна станува традицијата за дочекот на Водокрст и Водици кај Маркова Чешма. Се шири гласот за јавувањето на Бог во светиот храм и вербата дека токму на ова место, се остваруваат желбите. Бездетните добиват пород, тажните се смируваат, несреќните се развеселуваат, болните се исцелуваат.
На Љубица Кузманоска í е благословено место од Бога.
– Тука е еден од најголемите светци, Јован Крстител. Со душа го чекам празникот да дојдам во храмот, оти се чувствувам поблиску до Бога. Затоа еднаш бев и домаќин. Местото беше примитивно. Сега се гради, се напредува, доаѓа многу млад народ – кажува Кузманоска.
Едни од годинашните домаќини беа семејството Димески.
– Ќерката е домаќин. Вторпат доаѓаме, оти верувам дека кога небото се отвора се исполнуваат желбите, како знак дека Бог се јавува. Се мијаме со водата од бунарот на Св. Јован Крстител. Тоа е Господова сила, која нé чува во ова ладно време. Возвишено е да се биде дел од оваа традиција – вели Хилда Димеска.
Битолчанецот Илија Дојчинов осум години доаѓа со фамилијата, а некогаш ги забира и соседите.
– Откако слушнав за местово, доаѓам редовно за сведенот. Од светата вода носиме дома и за роднините и пријателите. Неописливо е чувството. Ништо не може да ме задржи, да не дојдам. Сум идел и во страшни снегови и во кал… Со денови впечатоците не можам да ги дособерам од преголема радост што ми ја исполнува душава – кажува Дојчинов.
Бунарот кај Маркова чешма крие чудотворна моќ.
Вековни верувања за Водици
Се верува дека ако немажените девојки на 18 јануари вечерта стават огледало под перницата, ќе го сонуваат човекот за кој ќе се омажат. Некаде девојките замесуваат од тесто топчиња и во три од нив ставаат ливчиња со имињата на симпатиите, а четвртото е празно. Првото што ќе исплива од зовриената вода го носи името на зетот. Според Водици, се предвидува каква ќе биде годината. На овој ден се осветува вода со лековити и чудесни својства и се нарекува Богојавленска вода. Верниците ја носат дома и ја чуваат како лек цела година.
![]()

