ДОКТОР НА ЧЕЛО НА ПОБЕДА

Фудбал: Хаџи-Ристески го отстапи местото

– Гоце Ингилизов е новиот претседател на клубот

Prv covek na Pobeda - Goce Goce IngilizovПобеда има нов претседател, д-р Гоце Ингилизов, директорот на Центарот за јавно здравје. Доаѓа на местото од Горан Хаџи-Ристески, кој се повлече поради службени обврски. Јавноста секогаш очекува многу од секоја промена. Така беше пред две години кога Хаџи-Ристески ја презеде таа функција, така е и сега.

Ако погледнеме на периодот од 2013 досега, можеме да го оцениме позитивно. Се чекореше постепено, на долги патеки, така што отпаѓањето во третолигашки ранг можеме да го сфатиме како последица на претходните состојби. Управата презеде мерки за создавање пристојни услови за тренинзи и натпревари. Се обнови Школата за млади категории. Теренот беше реновиран, а подготовки имаше и во странство. Резултатски екипата бргу се врати кон победите и во второлигашкото друштво. Клубот функционираше како прволигашки, гостите пречекани и испратени како што доликува. Дојдоа привлечни, дерби мечеви и низ одлична организација со наградна игра се продаваа билети по долго време. Публиката се врати со 5000 присутни. Но, се наредија казни, кулуминираа со прекинот на дербито со Македонија ЃП.

Што да очекуваме во иднина? Добро е да се продолжи со практикување сé што беше добро во мандатот од претходниот претседател. Еден од највидливите проблеми е разидувањето со навивачите. Очигледно клубот имаше свое гледиште, навивачите друго. Ако ова не се реши и во иднина ќе имаме казни, а тоа е катастрофално за Победа. Немаме право да се лутиме само на ФФМ, ако самите овде не сме единствени. Не држи изговорот дека некаде имало прекини, инциденти, па и овде да има не е штета. Победа треба да биде пример, позитивен, да се огледаат сите на неа. Втора важна работа е обединување на сите во градов, кои се моќни и расположени финансиски и кадровски да помогнат. Да нема “за” и “против” клубот. Победа била најсилна кога сите прилепчани од срце сме биле за неа.

Собир на 10 јануари

Претседателот Ингилизов имаше средба со фудбалерите и Стручниот штаб. Во разговорите е заклучено дека нужни се засилувања за пролетниот дел. Преодниот рок е од 15 јануари, но “капарењето” е многу порано. Најверојатно новите играчи ќе бидат присутни на првиот собир закажан за 10 јануари. 

Loading