ПЕХАРОТ Е ЖЕЛБА НА 33 ЕКИПИ

Мал фудбал: Турнир Свети Никола

– Возбудувањата до 27 декември

Moment od lanskoto dinale Sport lajf - KabelnetТрадиционалниот хуманитарен турнир во мал фудбал “Свети Никола”, кој стартува денеска во Универзалната сала, има точно 33 пријавени екипи. Најавени се фудбалери од ниските до највисокиот ранг, што е гаранција за квалитетот. Меѓу првите, своја екипа пријави поранешниот секретар на ФК Корзо, Александар Попов. Интересно е името на тимот Македонска фаланга. 

– Името беше планирано за клуб во општинската лига, а еве го промовираме на турниров. Не можам да ги кажам и откријам играчите. Целта е достојно претставување – скромен е Попов.

Има играчи кои настапуваа лани во една, сега во друга екипа. Се менуваат имињата и спонзорите. Меѓу поредовните учесници е голманот Христијан Сркески од Кожуф. Екипата се вика Де – ни каде уште ќе играат Димитриоски и Љамчевски од Пелистер, Петрески и Колевски од Победа, Кондоски… Амбицијата е висок пласман во поделбата на наградите.

– Лани бевме четврто место. Сега желбата е барем да го повториме успехот – вели Сркески.

Меѓу најатрактивните екипи се Кабелнет и Вецески. За Кабелнет “капарени” се браќата Брњарчевски, Бујаку, Мојсовски, Пластиновски, Даноски…. Брзиот и незадржлив Даноски од Металург лани беше прогласен за најдобар играч на турнирот. За Вецески настапуваат Цветковски, Ветаџокоски, Џонов, Тодоров, Попов од Миравци, Тошески од Победа… Можно ли е докрај да се пробијат двете фаворитски екипи и да гледаме финале Кабелнет – Вецески?

– Постепено, чекор по чекор, меч по меч. Големо задоволство е малиот фудбал, а ако стигнеме во завршницата, тоа ќе биде голем спектакл и доживување – најавува тренерот Коле Вецески.

Синоќа беше извлекувањето, а денеска е стартот на хуманитарниот турнир. Приходот е наменет за помош таму каде е најпотребно и затоа се очекува масовна посета на натпреварите до 27 декември. Прво се предвидени дуелите по групи, потоа по две од секоја група се во осминафиналето, а елиминациите или “нокаут” фазата е до самото финале. Наградата за прво место е 200 илјади денари, а трофејот го брани Спорт лајф.

ВЛЕЗНИЦА ОД 20 ДЕНАРИ

Организаторите Локалната, Пиварницата, Комфи ангел и Младинската мултикултурна заедница, одредија популарни цени на влезниците. За првата фаза влезот ќе чини 20, за втората 30, а за полуфиналето и финалето само 50 денари. Во обичните денови програмата ќе почнува попладне, а во викендите многу порано.

Loading