Моделарство
Во рамките на Светските воздухопловни игри во Дубаи се одржа состанок на Бирото на ФАИ за разгледување на претходните одлуки од Комисијата за доделување на организација на светскиот јуниорски шампионат во 2016. Притоа дефинитивно е потврдена одлуката од Бирото и тоа едногласно преку детално разгледување на досегашните подготовки, воедно е дадена целосна поддршка настанот да се одржи во Прилеп, во организација на клубот Фил феникс. Претставникот Здравко Тодороски по конференциска видео врска го следеше и учествуваше на состанокот.
– И официјално билтенот од ФАИ за неколку дена ќе биде изготвен за да бидат известени сите воздухопловни федерации. Така од средината на декември ќе ги имаме првите пријави. Очекуваме над 25 држави учеснички – вели Тодороски.
Големиот светски натпревар е закажан за периодот од 1 до 7 август 2016 на Спортскиот аеродром кај мало Коњари. Свеченото отворање е предвидено за празникот 2 Август. Претходниот викенд е планиран традиционалниот светски куп “Трофеј на Прилеп” за адаптација на учесниците од сите континенти.
ЈОВАНОСКИ ПЕТТИ
Од 1 до 12 декември се одржуваат Светските воздухопловни игри, а таму единствен претставник на Македонија е параглајдеристот Мартин Јованоски. Тој во дисциплината прецизно слетување постигна одличен пласман – петто место. Уште едно убаво претставување на градов и клубот Делта.