ВОЗБУДЛИВА И ЧУДНА ПРЕТСТАВА

Утревечер премиера на „Ајнштајновите соништа”

Reziserot Unkovski zadovolen od istrazuvackiot proces i   prvata rezija vo nasiot teatar„Ајнштајновите соништа” од Алан Лајтман, во режија на  Слободан Унковски е новата претстава која театарот „Војдан Чернодрински” премиерно ќе ја изведе утревечер од 19.30 часот. Драматизацијата е на Русомир Богдановски.

Унковски сакал од 1993 година да го постави текстот од американскиот писател Алан  Лајтман, професор по астрофизика и креативно пишување.

– Имаше многу обиди и кога беше бестселер и подоцна, кога работев и живеев во САД во 2000 година. Се сретнав со него, ме поддржа и ми даде дозвола, но не се обезбедија пари. Оттогаш не престанав да мислам да ја поставам на сцената. Текстот е доста податлив. Тоа се 29 приказни за времето. Тука нема да ги играме сите, можеби 15. Секоја приказна има по некој аспект од времето. Едната говори дека времето е кружно, другата дека времето може да оди нанапред, наназад  и.т.н…. и отвора крајно интересна структура, која е многу возбудлива и којашто нé тера да мислиме на поинакви теми и со поинакви димензии, односно да не се бавиме со дневните аспекти на животот, туку со нешто што е посуштинско, повозбудливо. Ќе понудиме ситуации за составување, а секој од гледачите ќе ги заокружи во своја приказна што се случила или не. Претставата е модерна и по духот на сцената, по начинот на кој се артикулира. Нема лик што се вика Ајнштајн, туку се претпоставени соништата за времето. Имавме одличен процес на истражување – не лесен, но крајно возбудлив и стимулативен – вели режисерот.

Потенцира дека има високо мислење за дел од репертоарот во театарот, како необични и различни од сé друго што го гледал во македонските театри, како и за актерите, кои имаат посебна енергија.

Унковски првпат режира во нашиот театар по бројните потписи на претстави низ Македонија, низ поранешните ју републики, во Москва, Стокхолм, Висбаден, Бостон, Атина, Солун…,  претстави кои се одиграле на значајни фестивали и биле наградувани.

Автор на музиката е Златко Ориѓански, а костимограф Розе Трајческа Ристовска.

Играат Марија С. Илијеска, Наталија Теодосиева, Јасмина Мицовска Станкоска, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Игор Трпчески, Владимир Ѓорѓијоски, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Мартин Манев, Илија Волчески.

Театарот „Навигатор  Цветко” во Скопје втора сцена за

„Ајнштајновите соништа”

Претставата „Ајштајновите соништа,, е копродукција на нашиот театар и театарот ,,Навигатор Цветко” од Скопје, кој е приватен  проект на Унковски, на Александар Поповски и Билјана Тануровска од Локомотива. Ќе се игра и на репертоарот во Скопје. Првпат на 4 декември.

– Киното Култура каде ќе работи театарот „Навигатор Цветко” очекувам да биде втора сцена на прилепскиот театар. Не само за оваа, туку и за другите добри претстави што се посебни достигнувања – вели Унковски.

Loading