БОГАТО МАЖУЧИШТЕ

„Современата населба Мажучиште егзистира најмалку шест века. Тоа се потврдува со релевантни документи. Според турските дефтери во 1467/68 година, во селото живееле 50 семејства. Во атарот се среќаваат остатоци од култура, особено од раната антика, односно од македонскиот период.“

Ова го потенцира новинарот и публицист Тренчо Димитриоски во деветтото предавање „Мажучиште од праисторијата до денес“.

– Приказните за разновидни споменици од мермер, кои биле однесени во непозната насока, уште се присутни. Според едни, тие биле однесени со вагони по железничката пруга кон север, а според други, со запрежни коли кон југ. Независно од преданијата, атарот располага со богатство од материјална култура. Се среќаваат траги од праисториска и раноантичка населба, праисториски гробови, гробови во камен, остатоци од градби. Вниманието го привлекуваат формите по карпите. Голема камена порта е атракција на Ридот со остатоци од праисторија. На највисокиот дел има утврдување од бронзеното или железното време, а егзистирало и во македонскиот период. Жртвеник посветен на античкиот бог Хермес упатува на остатоци на храм од римскиот период. Со овој период археолозите ги поврзуваат многуте винарници во камен. Во рамните делови се среќаваат неколку остатоци од градби од македонскиот и другите културни периоди – вели Димитриоски.

Денес малку од овие локалитети се познати за науката и јавноста. 

Loading