НЕМААТ САЛА, А ОДАТ НА ПРВО МЕСТО

Најмладиот тим на Младост 96 бргу напредува

– Макотрпно созревање за Супер лигата – смета тренерот Рикалоски

Pred golemo derbi - Aleksandar RikaloskiКонечно и пинг-понгот го добива своето внимание меѓу групата водечки спортови во градов, а заслугата е на младите членови од прволигашот Младост 96. По победата 1-5 во Кочани, прилепскиот тим в сабота (16,30 часот) во салата на ОУ “Рампо Левката” игра дерби меч за есенски првак со лидерот Ѓорче Петров од Скопје. По долго време најавени се и околу 30 навивачи, поддржувачи на домашната екипа. Атмосферата е вжештена, играчите максимално мотивирани за исцрпувачки дуел во кој нијанси ќе одлучуваат. Домашните се со еден кикс. Гостите немаат пораз, се спротивставуваат со младинските репрезентативци Глигоров, Кировски и ветеранот и тренер Ташковски.

– Ние или тие, сега е одлуката. Добро е да победиме и со предност да ја чекаме пролетта. Второпласираниот оди во бараж, а наша цел е директно како првопласирани да станеме суперлигаши – вели Златко Рикалоски, тренер на Младост 96.

Три години Младост 96 не е во друштвото на суперлигашите. Вистинското место беше ранг подолу, бидејќи шанса во екипата добија пионери и младинци. Свесно се пристапи кон смената на генерациите за да се оформи нов тим. Кога се почнува од нула е најтешко, а ако се успее е слатко. Според сите показатели од првенствените сениорски, од екипните и поединечни пионерски и младински првенства, клубот е на пат до саканата цел. Играчите знаат до каде се со квалитетот, а репер се дуелите со најдобрите во државава.

– Александар во средношколско финале се сретна со Иванов од шампионот Работнички и за малку ќе го победеше. Рамноправни сме со Костовски и Костадиновски од суперлигашкиот лидер Гоце Делчев од Штип. Нашите созреаја побрзо од очекувањата – смета стручњакот.

Подемот е подвиг ако се земат предвид условите. Клубот три – четири сезони е без поплавената сала и секојдневна е потрагата по просторија за тренинг или меч. Маси имаат поставено по училиштата и каде е слободен терминот таму се тренира. Желбата е преголема и нема нерешлив проблем. Успех е и учеството, оти секој викенд има натпревари во земјава, а еднаш месечно и во странство.

– Макотрпната работа на децата им донесе прогрес. Рамноправно се носат и на меѓународни турнири со Срби, Хрвати, Австријци. Не заостануваме во игра, само со финансиите. Ако тука добиеме поддршка, можеме многу да направиме за пингпонгот – заврши Рикалоски.

Табела: Ѓ. Петров 12, Младост 96 – 10, Мултитекс 10.

Loading