ПОДОБРИ ОД НАЈДОБРИТЕ

Карате: Ката тимот освои светски медал

– Совладан е досегашниот шампион Шпанија

Ronin vo Indonezija so srebroМакедонија освои еден медал на Светското првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година во Џакарта, Индонезија, а тој трофеј е дело на прилепскиот ката тим од Ронин – близначките Мишела и Маријана Димоски со Киријана Камческа. Во категоријата јуниори до 21 година им припадна среброто, откако трипати победија и еднаш загубија. Највредниот триумф е остварен уште во првото коло со 3-2 врз Шпанија, досегашниот светски шампион.

– По европски титули на Берат Јакупи, Наташа Илиевска и Емил Павлов, освојувањето на светски сребрен медал на ката тимот е историски успех за македонското карате и спортот воопшто. Македонија досега не учествувала во финале на светско првенство – задоволен е тренерот Златко Димоски.

Откако ја поминаа првата пречка, самодовербата им зајакна и јасно беше дека ниеден противник нема да претставува нерешлив проблем. Во второто коло жртва стана Иран. Совладан е со максимални 5-0. Имаше расположение и сили во девојките за уште еден чекор, кон финалето. На тој пат соборена е големата Германија со 3-2 за влез во финалниот меч со трикратниот сребрен состав на Франција. Се насмевнуваше и златото, меѓутоа судиите гласаа обратно за пораз од 1-4.

– Според реакцијата на публиката и оценката на тренерите дека Французинките направиле два дисбаланса, факт е дека ни беше одземено златото. Се коментираше дека тоа е поради настанот во Париз претходниот ден – вели Димоски.

Меѓу 90 земји најуспешна на шампионатот беше татковината на каратето, Јапонија со 18 медали. За Македонија и еден медал е вреден.

Каратистките беа примени во Агенцијата за млади и спорт. 

Loading