МЕ РАДУВА МОДЕРНИОТ РАКОМЕТ

Ракомет: Томче Петрески, тренер на Прилеп

– Победивме во Радовиш, каде по негатива од два стигнавме до плус пет – задоволен е стратегот

Sansa za nova serija - Tomce PetreskiМожеби најмалку се очекуваше, после врзаните порази од Работнички, Охрид и Металург, но екипата на Прилеп постигна голема победа во Радовиш со убедливи 30-35. Бројката на постигнати 35 гола дава дел од одговорот како е остварен триумфот. Резултатот од негативните 18-16 до одморот, се преврти во конечните 30-35 во вториот дел. Стручното гледиште е од тренерот Томче Петрески.

Првпат есенва покажавте вакво лице?

– Почнавме одлично. Видовме дека можеме и домашните не се ништо посебно. Грешки се случија со пад на концентрација. Се вративме во игра на ист начин, со наједоноставното, а тоа е игра во одбрана и брза транзиција. Не го разбранивме голманот. Цела екипа го даде учинокот за трите бода.

Второто полувреме го добивте со 12-19?

– Тоа најмногу ме радува. Првин негатива, а второто седум за нас. Тоа е модерен ракомет. Одигравме брзо, а тоа го можат само мошне подготвени играчи.

Самодовербата е вратена?

– Докажавме дека секого можеме да победиме, освен Металург. Прво киксиравме со Борец, после загубивме од Работнички дома и со Охрид на гости, а можевме повеќе. Екипите се изедначени и во прашање се ситници кои одлучуваат.

Следи гостување в сабота на Пелистер?

– Незгоден ривал. Настојува да се консолидира. Битолчани имаат лош распоред и сега гледаат шанса за фаќање серија. Ние сметаме дека е време да наредиме нови победи до крајот на есента. Желбите се идентични од двата ривала.

Можен ли е истиот рецепт како кога победивте 26-21?

– Рецептот е во едноставноста во извршување на задачите. Нема друг начин. Во Радовиш сите акции се реализираа. Грешките се дел, но немавме многу потрошени топки. Добро тоа да го повториме во Битола. Во прашање е надмудрувањето со голманот. Дуелот играч – голман е најбитен.

Работите цела недела. Недостасува ли нешто?

– Имаме пет вечерни тренинзи в сала и два во вежбалница. Добро би доше уште еден до два претпладневни в сала, за индивидуална работа, за поправка на грешките. Но, нема слободни термини.

Табела: Металург 24, Работнички и Охрид по 21, Прилеп и Вардар ј. по 15.

Loading