ЏАКАРТА ГО ВАЛОРИЗИРА ДВЕГОДИШНИОТ ТРУД

Карате: Ката тимот од Ронин е на Светско првенство

Megju svetskata elita - KK RoninПотребна е среќа во ждрепката и реални судии – вели тренерот Димоски

Десетмилионската индонезиска престолнина Џакарта од вчера е мегдан на најнадежните каратисти од целата планета. Таму се одржува Светското првенство за кадети, јуниори и помлади од 21 година. Како и секој голем настан, така и овој не може да помине без македонски репрезентативци, вкупно 20, меѓу кои се трите членки на КК Ронин: Мишела и Маријана Димоски со Киријана Камческа. Ката тимот со нетрпение го чекаше стартот на натпреварите, а со тоа и шансите за висок пласман. Оптимизмот има основа врз успесите во континуитет и во високо-професионалната работа во клубот и репрезентацијата.

– Низ долготрајни подготовки го чекаме првенството две години. На претходното со ката тимот се боревме за бронза и бевме петти. Потребна е спортска среќа, добра ждрепка и храбар панел судии за реална арбитража – вели тренерот Златко Димоски.

Како и во повеќето спортови фаворити се големите европски земји како Шпанија, Италија, Франција, а во групата се придодава и Египет. Држави од втор план што можат да изненадат се Германија, Турција, Виетнам, Словачка. Ова е најсилното првенство. Затоа на натпреварот има место само за најподготвените, за националните шампиони. И Македонија е во друштвото кое претендира на борба за медалите. Камческа со близначките Димоски не ги добија како подарок местата во репрезентацијата, туку се изборија за нив. Обврската е да вложат максимум, да ја оправдаат довербата и достојно да ја претстават својата земја.

– Нашиот тим го вбројувам меѓу најквалитетните. И поединечно сите се подготвени. Имаат резултати не само оваа сезона, туку и претходните две години. Одлични беа на балкански, медитерански и премиер лиги за сениори. Со малку среќа можен е пласман до осмо место – потенцира Димоски.

Репрезентацијата на Македонија ја предводи тренерот Елизабета Димоска, а Златко Димоски е судија на Светскиот шампионат.

Медали за Бонсаи

Карате клубот Бонсаи учествуваше на Меѓународниот турнир во Бар, Црна Гора, во категориите од седум до 14 години. Клубот се врати со два пехара и 26 медали. Најуспешен од сите беше Петар Јовевски кој освои прво место во ката поединечно и второ во кати екипно.

Loading