ПЛАНИНАТА ПРОТИВ ХЕНДИКЕПОТ

Пензионерот Петар  Стефаноски упорно ги совладува пречките

– Испешачил патека долга 18 километри

Po pregratkata so prirodata odmor vo manastir - Petar StefanoskiНема мака и исчезнува хендикепот кога е во прашање страста за планината. Пензионерот Петар Стефаноски, со стекнат инвалидитет на ногата, стана и планинар на 62 години. Неодамна успеа да совлада 18 километри на маршот на 30 планинари на Картуш и колегите од другите градови во околината на Свети Николе. Меракот му ја храни душата. За него е рај да се загрнува природата со сите сетила. Ги плакне очите, се восхитува во глетките на шумите и панорамите од височините и ужива во мискојната на борот и песната на треперливите листови на дабот. Никогаш не згаснала искрата од младоста, макар што ја чувствувал низ нишанот на ловџиската пушка. Му тлее љубовта кон планината со погледите дека ловџиската пасија е рекреацијата, а не битка за плен. Во пензионерските денови, покрај хендикепот, се враќа во прегратките со планината.

Планинарството му било фамилијарна традиција, оставена како завет од дедо си.

– Ме зарази, па апстинирав повеќе време, и сега пак проработи генот на предците. Првин пешачев сам со кучето по неколку часови во околината на градов. Го научив секое камче и дрвце околу Селце без разлика на времето, зиме или лето, есен или пролет. Меракот не препознава годишни времиња. Секое време има своја убавина. Ме привлекуваа маршрутите на картушовци. Ме предизвикуваа да преземам потфат и да се наредам во колоната на љубителите на планините каде членуваат повеќе другари, пријатели, комшии… Ама не ми фаќаше умот дека ќе издржам. Мислев дека ќе им бидам товар, ќе го забавувам ритамот на искусните планинари и воспоставената брзина. Во мене пламтеше дивината на планината и гореше желбата да ја ставам на испит волјата. За кондициони подготовки, почесто крстарев до Мечка, Топташ, Кула, Марковите кули – кажува Стефаноски.

На инсистирањата на другарите и школските, кои го храбреле дека е ќеф, а не товар, кандисал да се придружи на долгата релација околу светиниколските убавини на природата послана со бујна вегетација, главно со дабова шума и со неколкуте манастирски комплекси кои зрачат духовност.   

Raj za oci e  planinarstvoto– Ноќта пред маршот не можев да спијам. Сон не ме фаќаше. Спиев на рати. Се будев секој час. Но, го совладав стравот дека ќе потклекнам. Планинарите, покрај што се спортисти, се и хумани луѓе. Никого не оставаат. Тргнав. Чекор по чекор, метро по метро, освојував дел по дел од патеката, некаде на нагорнина, некаде на надолнина, но секаде низ восхитувачка убавина. Одржав чекор и успеав да ја изодам 18 километарската маршрута од Свети Николе, манастирот Св. Илија преку манастирот Св. Петка, крај местото Пирамида и до финишот. Ваков ќеф не сум пробал во животот. Срцето пукаше од задоволство. Не почувствував умор, туку ми се чинеше дека летам. По доживеаните глетки и попатни муабети и мајтапи, на крај падна и песна – кажува Стефаноски. 

Неописливо чувство е враќањето во природата во седмата деценија.

– Искуството сега ме инспирира, ме влече пак да се нурнам меѓу високите букови стебла, да цапам по ќилимот од паднати жолти лисја на габерот, да згазнам на калливата почва, да потскокнувам по камчињата на жуборливите поточиња да уживам во сонцето заедно со цветовите на раните качунки на зелената полјана и да се помачам на ридовите или стрмните удолници. Не ме сопираат ниту грамадните карпи, оти желбата да се проба нов вкус на планината ми дава снага. Затоа, на  тие што немале подолга средба со планината, им порачувам да ја осетат аромата на природата, зашто е здравје – пренесува Стефаноски.

Бидејќи е љубител на фотографијата, овековечил секвенци од походот, а особено му оставил впечаток расцветано цвеќе.

– Не ми претставува товар. Се сомничев, но издржав, оти полесно ми е по првото искуство. Ќе се потрудам малку да се опремам со планинарски стапови, оти се помагала кои го олеснуваат движењето и нагоре и надолу. Дел од товарот се пренесува на рацете, а не само на нозете – кажува Стефаноски.

Пензионерот со здравствени проблеми во ногата, полн со енергија, ќе продолжи да тренира и да пешачи со “картушевци”. Додека има сила ќе се дружи со природата, ќе шета со организирани тури.

Loading