ДИБИРОВ ИМАМЕ ВО ЖЕНСКИОТ ПРИЛЕП

Ракомет: Ракометарките се подобри, а голгетер е Ѓорѓиоска

– Сакам надмудрување со противничкиот голман – вели левото крило

Golgeter na Prilep - Ivana GjorgjioskaЖенскиот тим на Прилеп воден од Жане Дисоска игра сé подобро, а плод е вториот триумф, мошне значаен, против соседскиот, пелагониски ривал Пелистер, со 21-20, каде придонес со најмногу голови – 10 даде левото крило Ивана Ѓорѓиоска. Вистинско откритие за публиката, која ја виде во најсветло издание како ја совладува голманката од крилна позиција, од контра и од седум метри. Имаше стонастотен ефект, десетпати биеше – десетпати ја погоди мрежата.

– Предизвик е домашната публика. Се трудев, дадов сé од себе. Од трибина се гледа едно, на терен е друго. Секој удар има своја техника. Го сакам надмудрувањето со противничкиот голман, кога адреналинот е највисок – вели Ѓорѓиоска.

Десет гола постигна и во стартното коло против Куманово. На петте есенски дуели даде 29 гола и е голгетер на Прилеп. По потреба е среден бек, организатор на играта. Воодушевуваат нејзините атракции, лоб удари, кога голманките очекуваат силен шут, а совладани се со млак, пласиран лет на топката, која зад нивниот грб паѓа во голот. Тоа е одлика на врвните ракометари од лигата на шампионите. Секогаш “лебди” прашањето како се одлучува на таков, сепак ризичен потег.

– Одлуката доаѓа при упатувањето на топката. Зависи од поставеноста на голманот. Правам слично како Русинот Дибиров, мојот идол. Неговите потези се разновидни и има што да се научи – објаснува таа.

Потенцира дека заслугата не е само нејзина, туку на ракометниот колектив. После двата триумфа над Ѓорче и Пелистер, навивачите очекуваат уште успеси, бидејќи во лигата од седум тима само Вардар јуниор и Металург се фаворити. Извесна е третата победа со аутсајдерот Овче Поле, а потоа е дуелот со должникот Куманово.

– Спортот бара жртва. Треба многу труд и упорност да се консолидираме и уиграме. Ќ е успееме – заврши Ѓорѓиоска.

Таа летоска се врати од скопската екипа Велкова, а претходно настапуваше за Жито Прилеп. Првите ракометни лекции ги научила во школата 107.

Loading