ПРИЛЕПСКИ СПОРТСКИ ГОЛЕМИНИ НА 700 СТРАНИЦИ

Нова книга

Napisa sportska enciklopedija - Dragi BaseskiПосле тригодишен труд, по повод 70 години од библиотеката, се случи промоцијата на “Прилепски спортски големини”, книга на Драги Драгољуб Башески. Авторот ги обединил сите спортови, спортисти и спортски работници од сите генерации во период од еден век. На 700 страници се сите спортски дисциплини во градов, од атлетиката до шахот. Планинарството е најстариот спорт, со клубовите Златоврв и Козјак, формирани на почетокот од 20 век.

– Поводот да се подготви оваа Монографија е да се зачуваат изворните податоци за секој спорт, зашто времето одминува, а заедно со него и творците на прилепскиот спорт – пишува во воведот авторот Башески.

Во книгата има место за сите. Застапени се и малите спортови, со истакнатите поединци. Една од ексклузивитетите е пеливанството. Во оваа поглавје пишува дека во општинава пеливанството било застапено во повеќе села, најмногу во Канатларци и Дебреште. Во Дебреште, низ годините продефилирале стотици пеливани, за кои луѓето доаѓале од цела Македонија. Имало по 3000 гледачи. Борилиштето денес е претворено во фудбалско игралиште.

– Во мое време немаше ниту радио, ниту телевизија, а за телефоните којзнае кога разбравме дека постоеле. Многу години не знаевме ниту за еден друг спорт, освен за пеливанството. Го учевме од гледање, оти немаше тренери. Постарите кога ќе нé видеа како се бориме, веднаш знаеја кого го бидува за пеливан, а кого за баш пеливан – изјавил 90-годишниот Иска Алиоски.

Книгата трага по податок за донесувањето на првата фудбалска топка во градов. Според една верзија, ја донеле германските војници во 1918 година, за време на Првата светска војна. Топката ја купил Пане Напе. Според сеќавањето на Димче Москоски – Малакот, првата топка ја донел учителот Благоја Стојаноски – Жабата. Третата верзија тврди дека некој франциски војник ја донесол првата топка.

– Добро ќе биде во Прилеп да се направи Музеј на фудбалот и таму да се собираат сите материјални докази. Да бидеме први кои ќе го проучуваме фудбалот – порачува Башески.

Loading