ДУПЈАЧАНЕЦ ПО СЕДУМ ГОДИНИ ПРЕД СВОЈАТА ПУБЛИКА

Ракомет: Прилеп на мегдан со фаворитот Металург

– Прилепчанецот го предводи гостинскиот тим на Червар

Koj ke bide pouspesen - Talevski protiv DupjacanecКако минатата пролет, и в сабота (19 ч.) салата на СОУ “Ристе Ристески – Ричко” ќе биде претесна за сите кои сакаат да го проследат суперлигашкиот ракометен меч помеѓу Прилеп и скопски Металург. За разлика од претходниот дуел, екипата на Хрватот Лино Червар сега има прилепчанец во редовите, можеби најдобриот поединец, голманот Даниел Дупјачанец. Несовладлив е, прави чуда, брани одлично и е во животна форма откако летоска од Косово пристапи во Металург.

– Првпат имам шанса во најелитното клупско натпреварување, Лигата на шампионите. Каде и да играм, давам максимум со сето срце. Но, на јавноста полесно и паѓаш в очи во голем клуб и во големо натпреварување – вели Дупјачанец.

Доаѓа на првенствен меч во родниот град по седум години. Памети кога во 2008 година како млад голман на Младост од Богданци се бранеше во Универзалната сала. Иако во помала, училишна сала, ќе се направи атмосфера достојна на спортски спектакл со гостувањето на Металург, тим кој покажува заби во Лигата на шамионите. Пролетоска Червар беше воодушевен од публиката, а сега останатиот дел од тимот кој првпат доаѓа во градов ќе се увери колку оваа публика го сака ракометот. Дупјачанец со голема возбуда го чека саботниот меч.

– Отсекогаш Прилеп бил најспортски град. Прекрасно е да се игра во таква атмосфера, без оглед чии бои бранам. Публиката е меѓу најгласните. Ќе биде одлично чувство да играм пред моите роднини, пријатели и навивачката група “Мајмуни”. Повикувам на масовно присуство, затоа што публиката е срцето и душата на спортот – порачува Дупјачанец.

Шансите се на страната на Металург, оти е голем фаворит. Есенва секаде гази, но никој не смее да им го одземе правото на борба на домашните. Екипата на Прилеп им е должна на симпатизерите по превисокиот пораз во неделата со 30-22 во Охрид. Тимот мора да даде достоен отпор. Во спортот секогаш се можни изненадувања, а со поддршката на навивачите се добиваат крилја и сé е возможно. Ако проработи нападот, тука е клучот на успехот во Прилеп. Останува да се види дали тоа ќе го дозволи гостинскиот чувар на мрежата.

– Како професионалец, посакувам победа на мојот тим. Ќе биде тежок меч. Прилеп е одличен состав, предводен од тренерот Томче Петрески. Тука се пријателите Петкоски, Бозароски и Ангеловски, од кои очекувам најголема опасност. Помогнати од странските засилувања, ќе бидат голем предизвик – заврши Дупјачанец, кој има двегодишен договор со Металург.

Прилеп: Раичиќ, Божиновски, Тодороски, Талевски, Ѓорѓиески, Петкоски, Спасески, Петрески, Андреиќ, Шаренац, Бозароски, Стефаноски, Секулиќ, Ангеловски, Турченко, Јанески.

Металург: Дупјачанец, Вуковиќ. Божовиќ, Бувиниќ, Костески, Крстевски, Кукоски, Кузмановски, Маџовски, Матиќ, Мраковчиќ, Палевски, Пешевски, Петров, Талески, Велковски.

Loading