ЖИВЕЕ ПРИЛЕПСКИОТ ЖЕНСКИ РАКОМЕТ

Ракомет: ЖРК Прилеп го победи некогашниот европски првак

– Екипата со четири засилувања е конкурентна во лигата

Moment od mecot Prilep - GjorceМожеби за пошироката јавност нема важност информацијата дека Прилеп со 24-19 го совлада некогашниот европски шампион, а сега скромен тим на Ѓорче од Скопје. Но, за градов и за клубот успехот има значење. Добредојден е да се покаже дека живее женскиот ракомет во градот каде овој спорт со децении многу се сака и се цени секој добар меч. Во неделата навечер, термин необичен за наши сфаќања, кога на ТВ екраните имаше пренос од ракометната Лига на шампионите, во салата дојдоа неколку стотини гледачи. Бидејќи ретки се мечевите дома, еден на четири – пет месеци, навивачите посакаа да го видат подновениот состав на Прилеп.

– Публиката е повеќе од потребна. Атмосферата, аплаузите и воздишките ја будат желбата за триумф – вели Жане Дисоска, тренер.

Беше тежок меч, иако така не навестуваше почетокот со примен гол дури во 11 минута. Гостинките направија пресврт и водеа со два разлика. Во финишот, прилепчанките се средија и триумфираа со плус пет гола. Исплатлива беше борбената, на моменти и пожртвувана игра, како да се работи за финале и битка за трофеј. Гостинскиот тренер, Владимир Радиќ, ги потроши тактичките потези и се помири со пораз со подавање рака на подобрите.

– Почетокот ги опушти ракометарките и дојде израмнување до полувремето. Тешко беше и по одморот. Направивме потези со измените во одбраната и нападот. Девојките ги спроведоа советите за поцврста одбрана и тоа резултираше со победа – смета Дисоска.

Во светло издание се претставија Наумоска, Богеска, Митроска, Митревска 3 гола, Конеска 1, Маринковска, Јовановска 8, Крстевска 1, Аџулеска 1, Јаковлеска, Ристовска 4, Кимоска, Ѓорѓиоска 6, Ристеска, Камческа и Рипилоска.

Лигата брои само седум клуба, меѓу нив и Прилеп. Екипата е мошне млада со неколку поискусни, како крилото Крстевска, бековите Аџулеска и Ристовска. Стружанки се Ристовска и бекот Јовановска, отстрана се уште Крстевска (Битола) и бекот Маринковска (Гостивар), а повратнички се голманот Наумоска и крилото Ѓорѓиоска. Вака комплетиран од третото коло, тимот може да биде поконкурентен од лани, за подем кон средината на табелата. Низ упорна и стручна работа постепено ќе дојдат и резултатите, кои не се најбитни сега, туку опстојувањето и растежот на клубот, финансиски поткрепен од Витаминка. Штом на новите портокалови дресови е Цевитана, екипата е “осудена” на успех.

– Ристовска, Јовановска, Митревска, Наумоска оваа година се столбот на екипата. Ристовска е млад играч со големо искуство. Аџулеска е одлична ракометарка, која и оваа сезона е напомош со искуството. Работата во Скопје не и дозволува редовен тренажен процес. Младоста, волјата, борбеноста се нашите адути, заедно со желбата за победи – порачува Дисоска.

Следи гостувањето на фаворитот Металург во Скопје, а потоа е дуелот за публиката – пелагониското дерби дома со Пелистер.

Loading