ПОБЕДА КАЗНЕТА ДО 23 АПРИЛ

Фудбал

Ни најстарите приврзаници на Победа не се сеќаваат на толку многу казни, колку што клубот има добиено од ФФМ за кусо време, до осмото есенско коло. Најчудно е што ова се доживува кога клубот ги има сите стандарди за европска организација, со авторитетни луѓе, интелектуалци во управата, кои внимаваат на секој искажан збор и повлечен потег. Од една страна, сé изгледаше идеално, привлечени 5000 гледачи. Но уште пред првото коло, од баражот почнаа казните. Клупската каса се испразнила за над 10 илјади евра. Најновата завчерашна казна поради прекинот со Македонија ЃП е 2500 евра и седум меча домаќините 100 километри далеку од Прилеп. Пресметката е дека тимот нема да игра во градов до 23 април 2016, доколку на 14 ноември Пелистер избере друг град. Нешто не е во ред. Или има пропусти, или ФФМ е престрога. Или вистината е на средина, ако има пропусти како и на други места, но ФФМ само Победа ја казнува. Најдобро е да се среди својот двор, а потоа да се бара од другите.

Во оваа тешка ситуација добро е што екипата храбро се држи и оптимистички гледа напред. На неутрален терен во Охрид преку И. Мирчески и два гола на Гешоски со 3-0 совладано е Љубанци. Има надеж за успех и в сабота со Еуромилк во Велес.

Loading