ФУДБАЛ В ЛОГОР

Победа

Бесмислен е првенствен фудбалски меч без публика. Оваа игра и забава постои за гледачите. Други мали спортови можат и без ниеден гледач, но фудбалот не го бидува ако фудбалерите, како некогаш затворениците в логор, се надигруваат без жива душа околу нив. Така и в сабота Победа против Љубанци. Дуелот е закажан во Охрид, на стадионот кој ќе биде забранет за публика. Ем 100 километри далеку, ем без публика. Првиот меч е од казната на ФФМ, според која прилепскиот тим ќе треба да издржи во наредните 2-12 меча.

По прекинот со Македонија ЃП, сакавме да се извадиме од оваа ситуација. Не успеавме. Не само ФФМ водена со човек од Ѓорче Петров, туку никој не верува дека судијата бил виновникот со недосудени прекршоци за нас, досудени за гостите, толерирани за лежење и на крај сомнителен корнер за нив. Велат сме измислувале, значи сме лажеле и да ги напаѓаме судиите и гостите требало голема причина, а не ситници. Сте се фатиле за корнер и неколку фаули. Камо ви пенал, гол, црвен картон? Овие спротивставени гледишта на истиот настан не се само на релација Прилеп – Скопје, туку такви разлики има и меѓу прилепските фудбалски вљубеници.

Конечно, по ваква катастрофа, да извлечеме поука. Безбедносниот проблем е клучниот во македонскиот фудбал. Попусто спонзори, стручнаци и фудбалери, ако нема безбедни стадиони. Како што тоа се прави во евро – куповите, Победа да биде пречекана и испратена во Кавадарци, Велес, Тетово, Скопје, а на реваншите истото да се повтори во Прилеп. Ова го направи Англија во 1985 година и стана првата лига во светот. Без ваква револуционерна реформа македонскиот фудбал е безнадежен случај.

Loading