БИТКА ЗА ВРВОТ СО РАБОТНИЧКИ

Ракомет: Прилеп е пред најтешкиот меч

– Очекувам навивачите да бидат осмиот играч – вели тренерот Петрески

Visoko krenati race - RK PrilepОд популарните спортови само ракометот останува како една убава презентација на градов преку машкиот суперлигаш Прилеп, кој нареди четири есенски победи и низ резултати и витешка, фер, чесна игра ги придоби симпатиите на спортските љубители. Така, не може друго да се очекува, туку преполна сала в сабота (19 ч.) во СОУ “Ристе Ристески – Ричко” на дерби мечот со Работнички. Желбата е петти триумф, после Пелистер, Металург 2, Пролет и најновиот на гости кај Вардар јуниор со 24-32. Дека претстои најтешкиот дуел доволно говори табелата каде двата тима се водечки со по 12 бода. Практично, на ваков меч најдобро ќе се види квалитетот на домашните и на гостите од Скопје.

– Досегашните пет кола беа вовед. Имавме полесен распоред, каде испуштивме триумф во Велес, а сите останати ги совладавме. Сметам дека не направивме некој подвиг, туку реални резултати, оти победивме послаби од нас. Сега, за нас, почнува првенството. Гостин е тим составен од репрезентативци кои играле европски и светски мечеви. Сега треба да се покажеме – вели Томче Петрески, тренер на Прилеп.

Доволно е да се спомнат презимињата на Левов, Никола и Велко Маркоски, Стоилов, Мојсоски, Србите Илиќ и Марсениќ за да се знае силата на Работнички, предводен од познатиот стручнак Андон Бошковски. Само од фаворитот Металург загубија, а убедливо ги победија сите други: Охрид, Пелистер, Борец и Радовиш. Нивната игра е скенирана низ снимки и прилепчаните ги знаат детално сите слаби и силни точки. Познато е дека одбраната им е гранитна, а контрите ефикасни. Најдобри стрелци се експлозивните крила Илиќ и Мојсоски, кои на последниот меч постигнале 20 од вкупно 27 гола. И скопјаните знаат многу за прилепскиот состав, бидејќи го гледале на дело на мечот со Вардар јуниор.

– Нема тајни. Кога крупните работи се знаат, може да одлучат ситници, можеби тактички надмудрувања или слично. И досегашната статистика за најдобрите стрелци не мора да се повтори. Можно е други да блеснат, оти ова е нов меч, нов почеток. Важен фактор е публиката, од која очекувам да биде нашиот осми играч. Одлучува вербата. Кој верува повеќе во победата, кој повеќе ја посакува, тој ќе ја има – смета Петрески.

Прилеп: Раичиќ, Божиновски, Тодороски, Талевски, Ѓорѓиески, Петкоски, Спасески, Петрески, Андреиќ, Шаренац, Бозароски, Стефаноски, Секулиќ, Ангеловски, Турченко, Јанески.

Работнички: Ѓорѓевски, Алушовски, Левов, Илиќ, Н. Маркоски, Димовски, Ф. Василевски, Стоилов, Марсениќ, В. Маркоски, Мојсоски, Ѓуроски, Јовчевски, А. Василевски, Мирчев.

Loading