ФУДБАЛОТ Е ЗЛО БЕЗ КОЕ НЕ МОЖЕМЕ

По прекинот на мечот Победа – Македонија ЃП

– Инцидентите биле, се и ќе бидат дел од овој спорт

Momentite za prekin na mecot Pobeda - Makedonija GPЕдна дефиниција за фудбалот како едноставна игра меѓу два гола е одамна неважечка. Многумина, главно повозрасни, кои биле инволвирани во овој спорт, имаат кажано дека фудбалот се игра повеќе надвор, отколку на терен. Може веднаш да се прифати ова, бидејќи многу надворешни фактори влијаеле врз играта и резултатот, а не се оставени сами меѓу себе да си ги одмерат силите 22 играчи. Има многу невидливи “игри” пред единствено видливите 90 минути, а и за време на дуелот фактори се домашниот терен, поддршката од публиката, судиите…

Прекинот на последното второлигашко дерби Победа – Македонија ЃП се случи во 72. минута при водство на гостите од 0-1, кога дел од публиката влезе во теренот и немаше услови за игра. На овој начин, ние прилепчаните го искажавме незадоволството, револтот и гневот од факторот – судии. Сметаме дека тие се виновници за текот на играта и неповолниот резултат. Да судеа праведно можеби ќе дадевме први гол или ќе направевме пресврт, а вака бевме спречени. Медиумите, државни, поточно скопски, не веруваат. Пишуваат “удри по самарот, ако не можеш по магарето”. Не е јасно како од Скопје виделе подобро од нас тука во Прилеп. Најдобро, за да се знае вистината, е на некоја од националните телевизии да се емитува целосната снимка од мечот. Нека види и нека суди цела држава. Низ репетиции кои ги овозможува техниката да се анализираат сите судиски одлуки од почеток до крај. Во студиото да има и експерти за судење и претставници од ФФМ. Ако лажеме нека нé казнат уште осум години колку што беше суспензијата од УЕФА, но ако се потврди дека судиите ја сакателе Победа нека се повлече сета постапка против нашиот клуб.

За судиите, во овој случај главниот Далибор Ѓорѓевски од Куманово има уште многу надолго и нашироко да се кажува. Дали ја оштетил Победа нека каже снимката, а овде ќе забележиме дека низ дискусиите на прилепската публика има сомнежи, оти судел по нарачка, оти ова било некакво сценарио на штета на прилепскиот тим, а во полза на гостинскиот од Ѓорче Петров, база на првиот човек на ФФМ. Како поголеми верници од папата, ќе посолиме малку памет на судијата. Од трибина гледано, Ѓорѓевски можеше и поинаку во “кобната” 72 минута. На реакција од помошникот досуди корнер за гостите, а требаше гол – аут. Не тврдиме дека беше гол – аут, но требаше да го досуди. Непишано правило е спорна топка да се додели на домаќинот и на тимот кој се брани, а во овој случај Победа. Не мораше да ја прифати сигнализацијата на асистентот. Во тие моменти грешка беше паузата за консултации со делегатот, што мирисаше на прекин и дополнителен револт меѓу публиката. Додаде масло на оган. Ѓорѓевски се однесуваше како да суди на Светско првенство во Германија. Како сé да е безбедно околу него и може да се посвети само на судењето и прописите. Не претпостави дека овде ограда има, исто како да ја нема и публиката за пет секунди е в терен.

Ѓорѓевски е минато, со него нема да имаме работа натаму, како некогаш со белграѓанецот Шкориќ 1961 година и со битолчанецот Дивитаров 1994 г. По инцидентите не се осмелуваа да поминат, а не да судат во Прилеп. Бегаа од градов како да е Чернобил.

Што понатаму? Градов и сите спортски љубители треба да одлучат во која насока ќе продолжиме. Во саботата, кога по мечот навивачите се собраа пред излезот од стадионот на протест, случајно поминаа двајца пингпонгари. Прашаа што се случува. Некои рекоа “Блазе си ви што немате вакви маки, нема фаули, нема тензии, гледачи и метеж во понгпонгот”. Тука е дилемата дали сакаме само мали спортови без публика или и гигантски престижен спорт фудбал со сите зла. Од 1961 до денес не е сменето ништо. Инцидентите биле, се и ќе бидат дел од овој спорт. Полн со грозотии и пак го сакаме. Произлегува дека фудбалот е зло без кое не можеме.

Loading