ЛИДЕРОТ ДОАЃА – ТРИБИНИТЕ СЕ ПОЛНАТ

Фудбал: Претстои големото дерби Победа – Македонија ЃП

– Време е за првиот триумф дома – вели тренерот Крстески

pobeda-371Македонската јавност се чуди и воодушевува како се полнат трибините во третата или во втората, а потешко во првата лига. Можеби во прашање се повеќе причини. Едната е чистата игра, без сомнителни резултати. Во последно време, барем ако се земат предвид мечевите на Победа, се игра кристално чисто како солза и веќе никој не ја поставува како некогаш оваа тема на дискусија. Втората привлечност е ривалството кое се негува, со Тетекс, Пелистер, а секако фактор се и амбициите за највисок пласман и битката за врвот. Сето претходно важи и за новото дерби в сабота за кое се полнат трибините, Победа – Македонија ЃП.

– Лигата е изедначена. Повеќе екипи, меѓу кои и нашата, можеа да бидат први, но ете лидер е Македонија ЃП. Млада екипа се, знае да игра квалитетен фудбал, како сите скопски тимови. Очекувам добра трка од нивна страна, а ние треба соодветно да одговриме и да ги надиграме. Веќе четврт меч сме домаќини и време е за триумф – вели Дарко Крстески, тренерот на Победа.

Нужна е поддршката од навивачите, оти ќе биде тешко на теренот. “Лавовите” од Ѓорче Петров на гости ги совладаа Кожуф и Гостивар, ремизираа со Велазерими, дома ги победија Еуромилк и Скопје, загубија од Тетекс. Од неколку дуели обезбедени се снимки и прилепскиот стручен тим направи анализа. Можеби клучот е во своите редови, да се преброди еден момент, а тоа е постигнувањето само еден гол. Досега се повторуваше еден ист резултат 1-1, изгледа дека гаранција за успех е вториот гол.

– Сметам дека некои околности, дали несвесно повлекување или примање гол од некоја грешка, доведоа да немаме четири бода повеќе. Играме добро, со исклучок на мечот со Велазерими. Доста работевме на офанзивниот план. Не сум незадоволен и очекувам повеќе голови. Не е важно дали шпицот ќе даде гол, бекот или некој трет. Легнати се нозете, треба да проработиме – подвлекува Крстески.

Освен повредените Николов и Ф. Мирчески, сите други се на располагање. Во записникот се тројцата голмани: најмладиот Котевски, замената најискусниот Манчевски и за секој случај уште и Јованоски.

Победа: Котевски – Талески, Велјаноски, Колевски, Котески – Мегленски, Петрески, Дунимаглоски, Николовски – Шаркоски, Гешоски.

Македонја ЃП: Алексовски – Колчаковски, Никанчевски, Фетахи, Иваноски – Мишовски, Мустафа, Трајковски, Лазаревиќ – Николов, Стојкоски.

Прв гол на Дунимаглоски

По залекувањето на повредата, влегува во посакуваната форма и повратникот Столе Дунимаглоски. Во Гостивар спречи незаслужен пораз со гол во 90. минута за конечни 1-1. Од него се очекува голем придонес во средниот ред и нападот. Еден е од неколкутемина, кои играа прволигашки мечеви за Победа пред 2010 година.

Златен гол – 900 евра

Дека е возможно да се погоди целта за награда од играта “Златен гол” покажа еден резервен играч на Велазерими. Тој на полувреме при првиот пробен шут ја протна топката низ вистинскиот отвор. Тоа ги охрабрува гледачите да купуваат влезници, а наградата за в сабота е 900 евра.

Loading