ВЕТИ И ОСВОИ ТРОФЕЈ

ВРЕМЕПЛОВ – МИРСАД ЈОНУЗ

jonuzМалкумина се тие, кои, кога нешто ќе ветат, остануваат на зборот. Мирсад Јонуз, поранешниот шеф на стручниот штаб на Победа и поранешен голман, кој веднаш по натпреварот со Работнички Кометал во Прилеп во 2000 година, ги загуби шансите да стане државен првак, рече дека може Победа да ја донесе до трофеј. Речено – направено во 2002 г. Во финалето од купот Победа ја совлада Цементарница и го освои ветениот трофеј првпат по осамостојувањето.

– Јонуз е наш човек. Им веруваме на младите и амбициозни стручнаци. Канатларовски, од фудбалер излезе и тренер, и дотурка до селектор на репрезентација – велеа навивачите. 

Некогашниот темпераментен голман се изгради во сталожен стратег. Со физичкиот изглед и корпуленција остава впечаток на сигурност на тренинзите и  и оптимизам на натпреварите. Затоа сите го почитуваат. Неговото име ќе биде запишано со златни букви во поновата клубска историја на Победа, незаборавајќи ги голманските квалитети на мрежата на прилепскиот лигаш. Со него Победа претендираше на излез во фудбалска Европа.

– Водев политика што повеќе играчи да настапуваат за сите селекции на репрезентацијата. Така Победа даде многу репрезентативци. На фудбалската селекција им ги дадовме Панче Ристевски, Роберт Петров, Игор Николаевски, Панче Ќумбев, Тони Мегленски, Раде Каранфиловски, Благојче Ѓорѓиевски, Николче Здравески, Сашко Крстев, Тони Мицески и Мирослав Ѓокиќ – скромен е Јонуз.

Замина како херој, иако желбата за разделба беше обострана, и негова и на популарниот клуб, зашто, според него, важно е во животот да се чекори напред и кон нови резултати и успеси.

– Останав пријател со сите фудбалери и со луѓето од Победа. И денес кога ќе посакам, со исправено чело, пиеме кафе со нив – вели Јонуз.

Нему му остави вечна трага печениот јунец од 450 кг за победата на Победа во последниот круг во Струмица од плеј-офот кога Цементарница беше декласирана со 7:3 во Прилеп.           

Драги Башески

Loading