СЕДУМНАЕСЕТ МИНУТИ МЕЃУ ОБЛАЦИТЕ

Сефте со крилја

12 часот и 30 минути. Спортски аеродром во Мало Коњари. Ми се смешка “убавецот” на сонцето, “дотеран” во сино-портокалов костим. Се вика “ФК 12 Комет”. Долг е 7 метри, а крилјата се 7,8 метри. Летањето со авионот, двосед, сопственост на Дејан Пеливаноски, беше  предизвик. Искусниот пилот со 540 часа во воздух, на патот до аеродромот, ми ја разби тремата, раскажувајќи доживувања во 12 годишното летачко искуство. Возбудата растеше. Не чувствував страв, иако велат дека летањето со авион е една од трите најчести фобии. Бев подготвена да ја доживеам мојата прва “средба” со небото.

1. Spremni za avantura vo vozduhФати го предизвикот

Откако удобно се сместив на првото седиште во авионот, ги ставив слушалките да комуницираме со пилотот Пеливаноски, кој седеше зад мене. Ја затвори кабината и почна авантурата. Ме предупреди за термиката поради промената на температурите на земјата и воздухот, велејќи ми дека тоа е исто како возење по калдрма. Неговиот глас ми одѕвонуваше низ слушалките, објаснувајќи ми дека временските услови за летање се нормални. Првин бев опуштена. Лазевме по тревата приближувајќи се кон пистата.

– Правиме подготовка за летање. Кабина затворена, температурата е одлична, притисокот на маслото добро, клапсови на кец. Спремни сме. – додаде пилотот.

Го засили моторот. Ечеше звукот додека тркалата од авионот потскокнуваа по нетолку рамната писта, одвреме навреме малку отфрлајќи нé од земјата. Се одлепивме од земјата и за 10 секунди  веќе бевме на височина од 250 метри. Како што авионот се креваше, сé повеќе чувствував непријатност во стомакот. Од првата секунда ја осетив разликата на притисоци меѓу земјата и небото. Беше неприродно, несвојствено за човекот, несекојдневна позиција.

2. Pticja perspektiva na gradot od avionПрилеп се распослал под моите нозе, додека со очите се обидував да го дофатам небото. Да “вкусам”, да почувствувам малку како е да си на небо, меѓу облаците, далеку од реалноста. Од време на време пак чувствував мали нишања. После првите минути минати во воздух, пилотот ме праша како се чувствувам. Погледнав на инструментот пред себе. Направата покажуваше дека се наоѓаме на 500 – 600 метри над земјата. Љубопитноста растеше, се осмелив да го погледнам градот од птичја перспектива. Околу селото Мало Коњари полето распарчено како квадрати со ниви. Ги видов и зградите и куќите во градот, беа ситни, мали. Владеев со небото.

3. Selfi megju oblaciteМачнината уништувач на филингот

И колку повеќе минути минував во синилото, повеќе скокаше адреналинот. Уживањето во глетката од време на време ја расипуваше мачнината во утробата. Пробав со ладење со раката, да ја исфрлам секоја лоша мисла и секое непријатно чувство што ми го параше стомакот. Кога го здогледав езерото, летавме на 700 метри или 130м. надморска височина. Се лулаше леталото меѓу облаците, но “мрдаа” и  дигестивните органи во мене. Наместо да уживам во височината, изустив: “Ми се лоши.”

Тоа беше аларм за Пеливаноски да престане со обиколката, а да го запре моето уживање кое се преточи во тегоба.           

– Ништо. Се враќаме назад, одиме на слетување – рече тој.

Бевме на околу 1400 метри. Брзаше да слета, оти постоеше  опасност да загубам свест. Ни беа потребни околу 4 -5 минути да се приближиме до пистата.

Со отскокнувањето на авионот од земјата, и храната од мојот желудник отскокна низ устата. Како низ шепот, го слушнав пилот дека сме имале 17 минутен лет, прашувајќи ме за впечатокот. Пеливаноски проба да му утеши, да го намали чувството на вина во мене, поради неможноста да почувствувам и акробациско движење меѓу облаците, високо на небото.

– Денешниот лет за мене беше нормален. Имавме сонце, топол воздух и мало испарување на воздухот од поладна земја. За следното летање, задолжително носи си ќеса за повраќање, за секој случај, но најдобро е да си гладна – се насмевна Пеливаноски, додека црвенеев од срам.

4. Iskusen pilot  e PelivanoskiСпоред него, летот со авион кај жените секогаш трае од 10-15 минути. Сакаат да летаат, но редовно чувствуваат гадење. Еден  организам да се навикне, колку и да е отпорен, му се потребни барем 2-3 летови.

Ноќно летање – неостварена желба

За Пеливаноски секој лет е посебно доживување. Му се случувале и дефекти, но предност е што леталото може да атерира и без мотор. Како страстен ентузијаст за небесни височини, неостварена желба му е ноќното летање.

– Небото е мазно, мирно, како да леташ низ путер. Сум летал со други, но лично не. Аеродромот нема светлосен систем за навигации кој е скап и практично е неизводливо – вели Пеливаноски.

За него најдобро адреналинско летање е акробатското, кога леталото се врти преку крило и авионот доаѓа во обратна позиција.

Перење на авионот под облак

Пред неколку недели Пеливаноски намерно отишол под облак со дожд.

– Сакав да го исперам авионот. Нема ризик доколку е мирно, иако врне, само се намалуваат перформансите на авионот, оти поинакви се кога воздухот е сув – вели Пеливаноски. 

ФК 12 Комет е третиот авион на Пеливаноски. Максималната брзина му е 240 км/на час.

Избегнува летање на ветер, во комулуси – црни облаци.            

Loading