БЕЛГРАД ИЛИ БЕОГРАД

ivce1Во многу случаи тема на разговор биле имињата на градовите и на населените места од други држави или од други јазични подрачја. Дали треба да ги изговоруваме онака како што се изговараат таму, во тие јазици, или пак треба да ги приспособуваме или да ги преведуваме на наш јазик? Белград бил најчеста тема. Имало дури и препирки. Ете, ние го викаме БЕЛГРАД. А Србите си го викаат Београд. Со какво право, се прашуваат мнозина ние го преведуваме името на тој град?  А дали го преведуваме? Вакви прашања му биле поставувани и на Благоја Корубин. Ќе се послужиме во голема мера со неговите објаснувања.

Постои еден принцип, кој треба да биде основен, за тоа како треба да гласат имињата на градовите и населените места во еден литературен јазик. Според тој принцип, тие треба да гласат онака како што гласат во литературниот јазик на односната земја. Но, дали може тој принцип да биде доследно спроведуван? Тешко. Тој може да биде спроведен, на пример, ако треба денеска да именуваме некој град од друга држава, чие име досега не било познато во нашава средина или не добило некоја поширока употреба. Во тој случај, ние би се послужиле со неговото оригинално име, името со кое се именува во односната држава, ако тоа не соодветствува на нашата гласовна система, тогаш тоа ќе се приспособи на таков начин што да може да добие најблизок можен гласовен лик до оригиналот. Но, сосема поинаков е случајот кога имаме работа со градови кои многу одамна, уште во предлитературно време, на некаков начин влегле во нашиот јазик. Има многу такви примери. На пример, главниот град на Франција ние го викаме Париз. Бугарите и Русите го викаат Париж, а пак самите Французи го викаат Пари. Со акцент на вториот слог, а го пишуваат Paris. Има и други примери. Главен град на Италија е Рома, а ние го викаме Рим. Австријците главниот град си го викаат Вин (Wien), а ние го викаме Виена. Москва го викаме ние главниот град на Русија, а тие си го викаат Масква. Се пишува Москва, а во рускиот јазик “O” ако не е акцентирано се изговара како “А”. А бидејќи, во случајов, акцентот паѓа на последниот слог, Русите си изговараат Масква. Уште многу примери и уште многу случаи. Уште еден доказ дека принципот што го споменавме е релативен, не може секогаш да се примени. Актуелен е само во случаите кога слушаме првпат имиња на места кои не се затврдиле досега во нашиот јазик. А градовите што ги споменавме (Париз, Рим, Москва и многу други) влегувале во нашиот јазик уште кога тој не бил кодифициран. Влегувале во разни околности, во разни услови и по најразлични патишта. Мошне често и преку некој трет јазик.

Да се вратиме во БЕЛГРАД или БЕОГРАД. Мнозина мислат дека ние поради вакви или онакви причини БЕОГРАД го преведуваме во БЕЛГРАД. Мнозина и поостро реагираат и сметаат дека тоа не смее да се прави. Но, дали ние навистина вршиме некакво преправање и дали тоа го правиме во ова наше време откако е кодифициран нашиот јазик? Не, не е така. БЕЛГРАД (како што го викаме ние) има подолга хронологија. Никој тоа не го направил заради некаква адаптација кон македонскиот јазик во кој наспрема “бео” стои формата “бел”. Воопшто не станува збор за тоа, за такво преправање.       

Мошне интересно е објаснувањето на Благоја Корубин за патот по кој е дојдено името Белград. Тој објаснува, како што знаеме, од историјата е познато, оти, пред да се појави со некое словенско име, се викал СИНГИДУНУМ. Сега тоа не не интересира. А со словенско име (според Корубин) тој се среќава во еден документ од 878 година како седиште на епископат. И тоа со “бел” како прва компонента а не “бео” како што е сега во српскиот јазик. Во тој документ било напишано: ЕПИСКОПАТУС БЕЛОГРАДЕНЗИС (а не Београдензис). Формата со “бео”, како почетна компонента, се развила подоцна во српскиот јазик. А кај нас, како што вели Корубин, можело да се знае и се знаело за него уште пред да стане “бео”, па така си останал и до денеска како “бел” (Белград). Како наследено историско име. А не дека му текнало некому да го преправа и да го помакедончува.

Благоја Ивчески

Loading