ВРЕМЕПЛОВ – ПО РЕ6ИСИ 60 ГОДИНИ ЗА ГОЛЕМИОТ СРАМ НА ПОБЕДА ВО КРАГУЕВАЦ
Лажирањата и наместените резултати во фудбалот, а со тоа нерегуларните првенства не се од вчера. Од нечесните игри не била имуна ниту Победа во 1958 година, кога доживеала голем срам, обидувајќи се да го лажира натпреварот со Раднички во Крагуевац. Средбата била пред 12.000 гледачи меѓу кои и многу прилепчани. Победа, за жал, загубила со 1:4 и се случил трет кикс за да дојде до повисок ранг.
Оплескај ја, ако знаеш да скриеш. Така вели народот. За тоа има една куса приказна. “Кога некој од суријата внуци ќе направел некој пакос, ќе го свикал дедо му, ем да не го навреди, па ќе го прашал дали знаел да ја оплеска. Знаев, ќе одговорел пакосниот. А дали знаеше да скриеш. Не дедо, ќе процедел кабаетлијата. Ако не си знаел да скриеш, не требало ни да да се резилиш, ќе подвикнел дедото, ќе му го подзавртел увото и ќе си продолжел по патот”.
Така направило тогашното раководство на Победа. Се изрезилило со поддршка на градските татковци, а не знаело да го скрие срамот. Се обиделе да го лажираат натпреварот со Раднички, а не им требало, зашто во последниот круг од Четвртата зона играле со Трепча од К. Митровица во Прилеп. Со два бода ќе го досонувале недосонетиот сојузен ранг.
Победа требало да биде четврта, а горниот дел од табелата до последното коло изгледал вака: Напредок 31, Работнички и Раднички Н. по 29. Победа 27, Трепча и Раднички од Крагуевац по 26 бода. Во новоформираната Втора лига – Југ се пласирале Работнички, Напредок, Раднички Н. и Трепча.
Интересно е да се слушне и мислењето на некој од актерите.
– На натпреварот му претходеа повеќе контакти. Отпатувавме порано и престојувавме во Светозарево да ги избегнеме притисоците во Прилеп и Крагуевац. Нашиот тренер Стојан Богоески, кој го водел Раднички беше гостин во екипата на тренерите на домаќинот, за свеченоста на давањето во употреба на новиот стадион – се сеќава Веселин Тофоски, голман на Победа.
Вели дека не се насетувала ујдурма.
– Додека Раднички водеше 1:0, не искористивме три стопроцентни шанси. На полувремето, фудбалерите и водството на патот ги прашуваа поискусните зошто не ги искористиле шансите, а тие спокојно одговараа, не нервирајте се, ќе биде во вториот дел, навестувајќи дека не е нешто во ред. Но доживеавме катастрофален пораз (1:4), нервоза на трибините, меѓусебни обвинувања и голем срам – пренесува Тофоски.
Поголемиот дел од играчите не знаеле што се случува. Домашните збеснале и удирале, а судијата немо гледал и не свирел. Војна на теренот, во која домаќините играле грубо, пцуеле и се заканувале. Некои од играчите на Победа сакале да бегаат, оти стравувале дека живи нема да заминат од теренот. Младите фудбалери се чуделе на лежерната игра, без користење на шансите. Малкумина разбрале за викотниците и причините домашните фудбалери да ги малтретираат гостите во продолжението.
– Кај соблекувалните се слушна, држете го, оној со црната чанта – се сеќава Томе Јакимоски.
И денес не се знае кој ја откри ујдурмата, но се пренесува дека се расчуло како еден член од водството на патот на Победа му пришол на еден од фудбалерите на Раднички и го прашал дали ги примиле парите, на што соговорникот рекол дека не знае за никакви пари, алармирајќи ја домашната Управа, а овие полицијата да се “запали огнот” и да излезат валканиците на виделина. Се растрчала домашната Управа, покажувајќи со прст кон излезот и викајќи “држете го оној со црната чанта”. Потера направила полицијата, но таинствениот со полната торба пари како да пропаднал в земја.
Има многу непознати за “местенката”. Во кулоарите се споменува некој Андон од Белград, но во дисциплинската постапка никаде не се откриваат имиња. Во весниците се пишувало дека водството на Победа на домаќинот му понудил 60.000 динари за поволен резултат и уште 90.000 динари на крајот. За обвинувањата од Крагуевац, од Прилеп се враќало дека бил обид за компромитирање на Победа. Контролата на касата на Победа не констатирала неправилности.
Дисциплинската комисија на Зоната била ригорозна кон Победа. Санкцијата била четири месеци забрана на настап и 150.000 динари парична казна, за обидот да се лажира мечот во Крагуевац. На тренерот Стојан Богоески – Гајда му се забранила шестмесечна работа во фудбалот. На двајца членови на Управата им се изрекла забрана на вршење на спортски функции во фудбалот три години. Претставникот на Победа во Дисциплинската комисија изјавил дека клубот не знаеле за трансакција и не се чувствува виновен.
Победа, покрај четвртото место, не се пласирала во Втората лига. Првиот меч со Братство од Гостивар во Прилеп го загубила службено 0:3, како што се случило и во последниот круг од Зоната, со Трепча.
Во 1952 година Победа го имала првото големо фудбалско крштевање. Играла квалификации за влегување во Првата фудбалска лига на Југославија со Спартак од Суботица и Будуќност од Подгорица. Не успеала и суботичани славеле. Две години потоа, двомеч за единствената Втора лига со Металец од Загреб, и нов кикс. Повисокиот ранг останал само пуст сон.
Драги Башески