Микросам располага со технологии на 21 век како што се контрола на движењето и технологиите на композитни материјали. Планираме да влеземе во подрачјето на адитивна технологија со тридимензионално принтање на метали и во технологијата на управување во производството на композити со повеќе роботи.
Ова го изјави Благоја Самакоски на 25 годишнината од формирањето на фирмата Микросам.
Според него, производите на фабриката за висока технологија се применуваат во авиоиндустријата и вселенските истражувања.
– Ангажирани сме од најпознатата фирма за вселенски истражувања да работиме на производство на машини и убеден сум дека ќе успееме – рече Самакоски.
– Има потенцијали тука, има знаење и најважно е што луѓето имаат амбиција, но потребно е вложување во знаењето и едукацијата – изјави главниот менаџер Самоил Самак.
Микросам е присутен во Русија, Европа, Јапонија, САД, во сите развиени држави, каде се продадени по една или две машини од високата технологија, а произведени во Прилеп.