Студио за убавина
Секоја девојка сака совршена кожа – мазна, нежна и без влакна. Веќе пет години успешно во пресрет им излегува на муштериите Викторија Конеска, вршејќи козметички услуги. Идејата да ја проба среќата во бизнис водите со овој “занает” ја добила поради личното незадоволство од користење топол восок за депилација, како нехигиенски. За постигнување неверојатен ефект и задоволство кај клиентите, користи шеќерен восок кој е 100 отсто природен и хигиенски. За различна кожа користи различни типови на восоци како Алое вера, чоколадо, ванила.
– Депилацијата со шеќерниот восок е стар природен метод кој речиси не предизвикува болка. Разубавувањето на телото не треба да биде лелек и страв од процедурата, туку задоволство. Затоа се користи шеќерниот восок, кој драстично ги ублажува проблемите во споредба со класичните третмани на отстранување на влакната. “Слатката техника” ја користам за интимата, пазувите и лицето, како најчувствителни делови од телото. Рацете, нозете, стомакот и грбот ги депилирам со ладен восок за една употреба со ленти, а веѓите ги дотерувам со посебен восок, индивидуално според клиентот. Не може да се користи еден тип на восок за сите типови кожа, оти подоцна се создаваат несакани ефекти како болка, подкожни влакненца, црвенило, промена на тенот и иритација, а да не ги спомнуваме и болестите и инфекциите кои можат да се добијат, особено од примената на топлиот восок – вели Конеска.
Депилаторката ја прави кожата мазна како свила кај различни возрасти. Изненадена и презадоволна е од повозрасните муштерии, кои водат постојана грижа за телото и изгледот. Конеска во палетата на услуги нуди и шминка, антицелулитни третмани, како и пилинг со врвни квалитетни и природни производи од линијата на Тианде. На клиентите им ги препорачува моментните најатрактивни трендови. Со оглед на скапиот живот и на фактот што на девојките им требаат пари за многу потреби, привлекува со ниските цени, цените во пакет, попусти за сите видови козметички услуги.
– За козметичарката да биде врвна во својата дејност, освен знаењата стекнати на обука, потребни се и други вештини како фат и брзина. Тешка и одговорна е работата со луѓе, особено кога станува збор за кожата. Затоа нужно е изборот да се направи внимателно, а телото да се довери на стручни луѓе, без да се дозволува експериментирање – додава Викторија.
Во одредени ситуации, Конеска разменува козметички мислења со муштериите за нови и непознати методи и трикови. Секое човечко битие располага со некое искуство, приказна, па и критика, кои се добредојдени и влијаат за позитивни насоки на бизнисот. Прилагодувањето според барањата на клиентите и пријателскиот став í носат многу задоволни лица.
Конеска, која инаку е дипломиран правник, вели дека сака да работи по струката, но не и да ја напушти работата во студиото, оти една жена не би била комплетна доколку постојано не ги комбинира негата со хигиената како дополнително би ја истакнала убавината.