Пинг – понг: Нов успех на талентот од Младост 96
Уште еден одличен пласман на прилепската пингпонгарска надеж, Александар Рикалоски од Младост 96. На Државното првенство за пионери во Куманово го освои сребрениот медал, потврдувајќи го талентот и покажувајќи дека со напори се одржува континуитетот неколку години во врвот. Првенството не беше лесно, мегу 30 учесници од земјава. Триумфално ја мина групата, надмоќно ги совладуваше и останатите пречки во нокаут елиминациските мечеви. Изгоре во желбата за финалето, каде е поразен од најсилниот ривал, Методиј Бужаровски од Рисови Скопје.
– Загубив минимални 3-2. Дуелот беше интересен, полн со пресврти. Одлучија нијанси. Задоволен сум со вицешампионската титула – вели Рикалоски.
Тој беше поуспешен во двојки, во тандем со шампионот Бужаровски. Двајцата најдобри ги здружија силите и немаше промашување да стигнат до титулата меѓу пријавените 12 двојки.
Рикалоски дојде дома со два медала, дипломи и пехар.
Забележителен настап со освоено 6. место поединечно имаше клупскиот другар Дамјан Стојчев.