ДУШАТА НА ПОБЕДА

ВРЕМЕПЛОВ – МЕТОДИЈА КРСТЕСКИ-КАШЕ (1937-1997)

Istorija na Pobeda - Metodija Krsteski - KaseФудбалер каков што беше Методија Крстески – Каше, роден 1937, а починат 1997 година и денес би бил актуелен во многу квалитетни екипи не само дома, туку и надвор. Го красеа смиреност, капитенска толеранција, дарба за преглед на играта, непреоден во халф-линијата, енергичен и незадржлив кога ќе тргнеше кон противничкиот гол.

Првите фудбалски чекори ги направил на прашливите улици, а официјалните кај познатиот фудбалски работник, Александар Самарџиоски во 1951 година, заедно со Трајче Бошкоски – Чачорот, Илија Димоски – Мајсторот, Кирил Анески – Тумано, Душко Дисоски – Дисо…

Во последното интервју пред дваесетина години кажуваше дека Победа не давала спортска опрема на млади фудбалери. Затоа со Самарџиоски минале во месниот ривал Прилеп.

По 2-3 месеци го вратиле назад кај тренерот Илија Игњатоски – Даскало,.

– Во 1954 одиграв еден натпревар, а деби беше пријателскиот меч со Пролетер од Осиек кога победивме со 2:1. Официјално сефте имав 1955 година против Брегалница во Штип кога победивме 3:1. Во дресот на Победа бев на 594 натпревари во 16 годишната кариера. Постигнав 46 гола. Секогаш бев лев халф – кажуваше Каше, кој никогаш не бил резерва.

Победа ја воделе познати тренерски имиња, од кои Крстески многу научил. Тренерот Радовиќ велел: “Е, мој Каше, да беше во Хајдук, Звезда, Динамо или Партизан, не само што ќе беше стандарден првотимец, туку и репрезентативец. Потсетуваш на играта на Белин, Перушиќ, Радаковиќ, Васовиќ…”.

Имал многу радост и тага. Ја паметеше неправдата во Скопје.

– Игравме со “Вардар”, загубивме со 2:3. Заслуживме повеќе од пораз. Андон Дончевски го постигна победоносниот гол од офсајд. Невидена тага. Среќен сум со голот постигнат во “91” минута против Младост од Титоград што нé врати меѓу второлигашите… – се сеќаваше Каше.

Имал физичка и техничка спремност и на 32 години.

– Ми беше скршена раката во 1969 година во Куманово. Ја завршив кариерата, но станав помошен тренер на Победа – раскажуваше Крстески, кој им помагаше на Шијаковиќ, Радојчиќ, Тојагиќ, Червенски, а по нив волонтерски го зедоа кормилото со Кирил Анески.

Каше велеше дека бил тежок тренерскиот леб, иако беше признаен стручнак. Објаснуваше дека било напорно да се работи во Тутунскиот комбинат, а уште поодговорно да се води Победа.

Мечо, како што милуваа да го ословуваат пријателите, се радуваше што работел со Истатов, Јонуз, Целевски, Томиќ… кои заминале во странство и станале врвни голмани. Крстески не доживеа да му биде организиран проштален натпревар, иако сакал достоинствено да се прости од навивачите во меч со белградски Партизан.

Крстески замина од овој свет ненајдено, но почитувачи длабоко се поклонуваат на големиот придонес во афирмацијата на Победа. Тоа го заслужи, а неговото име има почесно место во историјата на клубот и градов.

Драги Башески

Loading