БЛЕСОК ЗА АРМАНИ, ВЕРСАЧЕ…

По една година подготовка, италијанската компанија Буци и Буци кај Милано во Прилеп го промовира стартот на производството на рефлектори од својата фирма под името Дан иновеишн. Италијанците ќе произведуваат и ќе пласираат околу милион парчиња од десетината модели специјални расветни тела со кои блескаат во посебен сјај и се атрактивни бутиците на Армани, Версаче, Бенетон, Армано Шермино и други модни брендови во Италија. Почетната инвестиција е околу 300 илјади евра со 20 вработени во закупена хала.

– Во годината кога компанијата слави 25 години, го одбравме Прилеп, меѓу понудите за Романија, бидејќи наидовме на готовност на локалните власти да ни помогнат во почетокот на вложувањето. Тука нé наведе успешната бизнис приказна на српската фирма Бим фуд, која веќе осум години во Прилеп има фабрика за откуп и преработка на печурки и сушење и замрзнување на градинарски култури кои се пласираат во Италија – изјави Дарио Буци, сопственикот на фирмата.

Тој најави дека ова е прва фаза, а понатаму ќе ангажира до сто вработени. Се очекува раст на продукцијата и освојување на сто модели на расветни тела и милиони парчиња.

Градоначаникот Марјан Ристески рече дека со Италијанците разговарале во иднина да се најде локација за нова фабрика во индустриските зони.

Буци и Буци има погони во Шангај, Дубаи, Њујорк и во Италија.

Loading