ФАРОВИ ЗА МЕРЦЕДЕС И БМВ ОД ПРИЛЕП

Нова германска инвестиција

– Работа за 250 работници

Prilep e pogoden za biznisАвтомобилски делови за Мерцедес и БМВ ќе произведува во Прилеп германската групација Акомпласт. Претсавници на компанијата, заедно со министерот за странски инвестиции Бил Павлевски, ја обелоденија инвестицијата која на почетокот ќе биде како браунфилд, односно во закупен објект, а со развојот на пазарот и како гринфилд, поточно во сосема нов објект. Германците ќе ангажираат 250 работници и ќе вложат неколку милиони евра.

– Компанијата е од автомобилскиот сектор, со фабрики и погони во Германија, Англија, Чешка. Одлучија да вложуваат и во Македонија по неколку анализи, според бизнис климата и условите кои ги нуди Владата. Станува збор за високо-технолошки процес, за кој е потребна високо-образовна работна сила. Прилеп го одбраа поради расположливиот квалитет на работници и посветеноста на локалните власти. Компанијата веќе е регистрирана во Македонија под името Инџекшн модлинг Прилеп. Наскоро менаџерскиот тим ќе испрати стручни кадри на обука во Германија – изјави Павлевски.

Првично ќе почне производство во постоечки погон, а понатаму ќе одлучат дали ќе инвестираат во гринфилд инвестиција во некоја од индустриските зони.

– Брзаат, оти им е битно да го почнат производството што порано. Ќе донесат капитални машини за производство. Инвестицијата тежи неколку милиони, што ќе се дефинира според динамиката на бизнис планот. Вкупниот број на вработени би бил 250 – рече Павлевски.

– Тука сме околу финализирање на договорите за идната инвестиција. Менаџерите неколкупати нé посетија и беа задоволни од транспарентноста и од кадрите што ги поседува градов кои одговараат на нивните потреби. Разгледаа повеќе објекти, оти станува збор за браунфилд, односно објекти за пренамена и почеток со работа. Инвестицијата ќе обезбеди егзистенција за 250 фамилии. Значајна е и поврзаноста со локалните фирми, што значи заживување и отварање на нови работни места во економијата во градов. Сé ќе направиме за  побрзо да почнат со работа. Ги разгледуваат сите можности и опции. Деновиве ќе се одлучи во кој погон ќе ја сместат фирмата, во зависност од технологијата и начинот на производство на постоечките погони, оти се работи за високо технолошки производствени процеси во автомобилската индустрија – рече градоначалникот Марјан Ристески.

Франк Михаелес, прокурист од фирмата Акомпласт, најави дека обуката ќе биде организирана за кратко време, затоа што планираат за една година да се развие производството.

– Треба да следи неколку неделна обука во Германија. Ќе донесеме опрема за производство на лиена пластика, како и за вакумско нанесување на површините за фаровите. Се надеваме дека машините ќе бидат инсталирани за половина година. Потребните технички профили ќе ги црпиме од локалните кадровски ресурси. Имаме добра поддршка од локалната самоуправа. За почеток ќе инвестираме неколку милиони во браунфилд инвестиција, но, во зависнот од  развојот на пазарот, ќе се префрлиме од другата страна – гринфилд. Најважен е развитокот – рече Михаелес.

Ова е трета најавена инвестиција за Прилеп за неколку илјади работници, по Американците од Дупонд за градба на рафинерија за етанол и компанијата Гентерм која ќе гради нов објект за производство на делови за автомобили во технолошко индустриската зона Алинци.     

Loading