СПОМЕНИК ЗА КРСТЕ ЦРВЕНКОВСКИ

Krste CrvenkovskiУчесник бил на младинските демонстрации на Шаторов Камен над Прилеп, во 1940 година, против српскиот режим во Македонија. Бил претседател на скоевската младинска организација во Прилеп. Бил член на Извршниот комитет на Комунистичката партија за Прилеп, во 1940 година и политички илегалец во 1941 година. Учесник при нападот на бугарскиот полициски участок на 11 октомври 1941 година, во Прилеп. Бил испратен од страна на КПМ за политички комесар во Западна Македонија под италијанска окупација, за дигање на македонско востание во тие краеви за ослободување на македонскиот народ од окупаторските чизми и од домашните слуги, балистите.

Крсте Црвенковски бил заробен од италијанската жандармерија, осуден и затворен во тиранскиот затвор. После шест месеци, преку ископан канал во затворот, со другите затвореници избегал и се вратил во Западна Македонија, каде продолжил да работи како политички комесар за будење на народот за борба против окупаторите во Македонија. Тој е учесник во Февруарскиот поход од 1943 – 1944 година, каде е убиена неговата сестра Доста, при судир со бугарската војска во кавадаречко. 

По ослободувањето зазема високи политички функции во владата на НРМ. Избран е и за претседател на просветата на НРМ. Во 1953 година е одликуван за Народен херој. Добивал повеќе одликувања, како од југословенската заедница така и надвор од неа. На Петтиот конгрес на КПМ, во 1964 година беше избран за претседател на КПМ, на местото на Лазар Колишевски. Со неговото доаѓање, осетно се менува Македонија. Се намалува иселувањето на македонските Турци за Турција и доселувањето на босански и санџаклиски фамилии во испразнетите турски куќи во Македонија, кои насилно биле иселувани под притисок на тајната политика спроведувана од Александар Ранковиќ.

Во 1964 година беше испеана песната “Земјо Македонска” од Васка Илиева. Сите Македонци во светот ја носеа на срцето и се пееше на сите слави и собири низ Македонија. Во 1965 година излезе песната “Зошто си ме мајко родила”, политичка песна посветена на македонските емигранти како утеха за ублажување на носталгијата за родното огниште.

Во 1966 година, со делегација Црвенковски отиде во Москва. На Четвртата пленарна седница на Претседателството на СФРЈ на Бриони се изгласа една комисија на чело со Црвенковски за испитување на работата на Министерството за внатрешни работи на чело со министерот за внатрешни работи, воедно и потпретседател на Претседателството на СФРЈ, Александар Ранковиќ. Комисијата открила многу неправилности на Ранковиќ, кој се однесувал како “држава во држава”. УДБА  поставила шпионска мрежа за прислушкување на Тито по налог на Ранковиќ, по што била наречен југословенки Берија, и бил разрешен. Пред сменувањето, ЈНА беше ставена во готовност, се спиеше под стрес, под оружје, опашани со муниција.

Тито се плашеше да го смени во Белград да не се прошири конфликтот, а со тоа и мешање на НАТО и Варшавскиот договор.

На 18 јули 1967 година, во црквата Света Софија, во Охрид беше свикан општ македонски црковен собир и беше прогласена автокефалноста на Македонската православна црква, за самостојна црква и беше избран Митрополитот Доситеј за поглавар на МПЦ. На 2.9.1967 година во Скопје беше основана Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а за нејзин претседател беше избран Блаже Конески. Свој придонес и пожртвуваност имаше Црвенковски. Овие две македонски институции не смееа да се споменат, додека Александар Ранковиќ беше на функција. Српското народно собрание за новооснованите институции поднесе тужба во септември 1967 година до Врховниот суд на СФРЈ, но не беше прифатена од судот.

Во пролетта 1968 година се појави песната “Македонско девојче”, која беше симбол на македонското битие и се пееше и играше на сите свечености низ Македонија и надвор во туѓината.

После Петтиот конгрес на КПМ 1968 година, Црвенковски го отстапи местото претседател на КПМ, ја напушти македонската влада и замина во Федералната влада во Белград. Стана близок соработник на Тито. Таму не седеше со скрстени раце. Се бореше за македонските правдини. Бараше од генералштабот на ЈНА да има повеќе офицерски кадар од Македонија. Велеше: “Македонците во армијата даваме повеќе обични војници и десетари, затоа сакаме да бидеме застапени со повеќе капетани и генерали”. Бараше платите на работниците во Македонија да бидат рамноправни со платите во другите Републики. Така се донесоа законите да има повеќе генерали Македонци во ЈНА и воениот рок да се служи со 60 отсто во својата Република.

Тито немаше заменик. Затоа 1971 година беше поставен Македонецот Крсте Црвенковски за потпретседател на Претседателството на СФРЈ. Тоа беше голем шок за многу југословенски политичари, кои себе си се сметаа за наследници на Тито, а и самите Македонци, заслепени од љубомора и самоуништување, беа против Црвенковски.

На 01.12.1971 година, во Загреб избувнаа улични демонстрации против југословенскиот режим. Армијата излезе со тенкови и ги сузбија демонстрациите. Тито не беше тука, туку во Африка. Потпретседателот Црвенковски ја смири состојбата без крвопролевање.  Новинарските куќи загребски ВУС и белградскиот НИН побараа интервју од Црвенковски, кој објасни дека “вакви демонстрации на диво можат да бидат со големи последици во СФРЈ.           Состојбата во Загреб се смири, ама на Црвенковски му залепија етикета дека меко пристапил кон демонстрантите како пријател на Хрватите. Беше доста критикуван од српските информативни гласила. Се пишуваше повеќе за Црвенковски отколку за Тито. Затоа преку медиумите го означија како македонски националист. Собранието на Србија рече дека Црвенковски за Белград е мртов и закопан. Се дорлаше дека добиеното во војната се загубило во мирот. Тоа се однесуваше за Македонија, која од српска бановина стана држава. Србите нафрлуваа дека Македонците “им убиле два крала, Александар Караѓорѓевиќ и министерот потпретседател, Александар Ранковиќ”. Српските политичари мразејќи го Црвенковски, пуштија пропаганда, која успеа кај македонските изроди.

На 27.12.1971 година во Скопје беше одржана седница на КПМ со затворена врата. Од Белград се вратија крстевите критичари на чело со Козаро и заедно со домашните Крсте беше критикуван и отстранет од македонската политика заедно со Славко Милосавлевски, како македонски националисти. Црвенковски остана потпретседател на СФРЈ до неговиот тригодишен мандат во 1974 година, како потпретседател во сенка. После мандатот се врати во Скопје. Беше политички изолиран од македонските власти, заборавен, политички обесправен и беше следено неговото движење. И заслепениот народ му го сврти грбот. Го немаше во јавноста. Единствено го поддржуваше македонската дијаспора со организацијата ДООМ, преку весникот Македонска нација.

Му измислија разни понижувачки вицеви како Крсте го возел внучето во покриена количка поради што личело на него, како мајмун. Исто така, и во Прилеп не беше многу омилен. Се пушти гласина дек Крсте рекол дека “прилепчани можат да живеат од тутунот”. Ако рекол така, прилепчани не ја разбрале мислата. Ако суровината е домашна, фабриката за преработка е дома, во Прилеп, значи ќе има работа во фабриката за преработување на тутунот, во која беа вработени 3.000 работници, кои го вадеа лебот од Тутунскиот комбинат. Да не ги мешаме производителите од Пелагонија, каде секоја куќа произведуваше тутун. Да се прашаме, што ќе беше денес со прилепскиот монопол и целокупното македонско население, ако монополот беше расформиран како во Штип, каде машините од штипскиот монопол набавени уште од турската империја беа преселени во Ниш. И тутунската комора на Југославија не успеа да го уништи Прилеп и монополот да го  пресели во Ниш, За среќа, се најде Црвенковски сето тоа да го спречи. Црвенковски не ги уништи козите, афионот, свилената буба, памукот, лозовите сорти Зајачара, Талјанка итн. Со него се формираа најголемите индустриски и земјоделски комбинати, сточни и живинарски фарми итн.

Крсте Црвенковски останува најголемиот македонски син од тоа време. Тој е историска личност. Со неговите истомисленици, со пот и крв ја создадоа оваа Македонија. Ако некој е против Црвенковски, е против Кузман Јосифовски – Питу, Мирче Ацев и сите други херои во Прилеп, како и против нивните загинати 630 соборци чии мошти се на Могилата на непобедените.

Црвенковски е неуништлив, “пиреј” во македонската историја. Затоа предлагам Прилеп да му постави споменик. Името да го носат училишта, улици, булевари. Треба да се гордееме што сме дале потпретседател на Федерацијата. Историјата тоа го запишува и не може никој тоа да го негира, да го избриши, без разлика дали му се бендисувало или не.

На 24.07.1990 година, по повод чествувањето за Методија Андонов – Ченто во Домот на културата во Прилеп, беа присутни Крсте Црвенковски и Вера Ацева. Тогаш Крсте ми рече: “Кога тргнавме партизани, излеговме неспремни, со по едно парче леб во џебовите. Се снајдовме со оружје, народот го поведовме и ја направивме македонската држава. Кому му пречи оваа држава и кој настојува да ја уништи. Ние, Македонците сме чуден народ. Сами си ги сечеме крилјата, ги ништиме своите способни политичари, како Шаторов, Шатев, Влахов, Ченто и др. Треба да ги браниме придобивките. Верувам дека не сум осамен. Има и други што ги штитат македонските интереси. Треба да се води сметка за чувството за опстанок на македонската држава. На Македонецот никој не му ја подари државата. Сам ја создаде со разум, морал, пот, крв и жртви и така треба да се брани, Македонските политичари без поткрепа не создале држава по Првата светска војна, затоа ја распарчиле”.

Томе Велјановски – Марулецот

Гетеборг – Шведска

Loading