ПАРИ ЗА ХРАНА НА ДУШАТА

Brojni proekti vo CK,Marko Cepenkov,,Позната програмата за работа на културните иснтитуции во 2015 година

Министерството за култура годинава многу порано ја објави годишната програма за поддршка на културните институции. Поддржани се бројни проекти предложени од нашите културни институции, од општините, независни проекти преку кои се зачувува националниот интерес за промоција на културните вредности.

Претстави, концерти, изложби… во ЦК “Марко Цепенков”

Театарот ќе ги подготви претставите “Ајнштајновите сништа” од Ален Лајтман, во режија на Слободан Унковски, “Пинокио” од Карло Голдони, во режија на Дарко Ковачовски и “Премиера во сабота” од и во режија на Коле Ангеловски, а ќе реализира и гостување на фестивалот “Еуроказ” во Загреб. На полето на литературата и издавачката дејност, поддршка доби за списанието “Стремеж”. Од музичко сценската дејност со пари од државниот буџет ќе се реализираат концерт на гудачкиот камерен оркестар “Арко” на женскиот младински хор “Стив Наумов” Битола, на гудачкиот квартет “Аир стрингс” како и гостувањето на националниот балет со претставата “Доктор Офболи”.

Традиционално поддршка доби и манифестацијата “Изворен фолклор на балканските народи” и работата на КУД “Моминок”. Со пари од Министерството ќе се остварат 25 изложби и ликовната колонија Дрен. Во програмата се поставките на еминентни македонски и прилепски уметници како Глигор Чемерски, Боро Митрикески, Александар Цане Јанкулоски, Павле Кузмановски, Данчо Ордев, Илија Кавкалески, како и на млади автори и ликовни колонии. Од Центарот најавуваат и други културни настани со сопствени средства, како што е и манифестацијата “Прилепско културно лето”.

Истражувања и заштита во Завод и Музеј

Заводот и Музеј со финансиска поддршка од државата ќе ја реализира постојаната ентолошка поставка, ќе го адаптира просторот на депото на икони, ќе ги реализира проектите за Лапидариум и едукативниот “Училиштата во музеите или музеите во училиштата”. Ќе се конзервира и реставрира црквата, трпезаријата и магерницата во манастирот Трескавец, конзерваторски проекти има и за црквата во Зрзе, реставрација на влезната порта на манастирот Св.Архангел Михаил во Варош, археолошки истражувања на Тумул на локалитетот Таламбасица…

Буџет за Маркови кули

Со државни пари ќе се следат неколку проекти на Институтот за старословенска култура. Ќе се истражува средновековниот град Просек, престолнината на првите македонски феудални владетели, комплексот Маркови кули, како и локалитетот Градиште, кај Дебреште. Ќе има и етнолошка поставка во Кривогаштани и валоризација на народните везови од овој предел.

Поддршка и за други проекти

Со државни пари Библиотеката ќе ги промовира европските вредности преку делата на европските и балканските автори. Општината Прилеп ќе биде следена финансиски за карневалот Прочка, Кривогаштани за манифестацијата Етно маски, а уметникот Тони Чатлески за изложбата “Во ритамот на самбата” што лани беше отворена во Москва. Центарот за визуелни уметности “Визант” 15. пат ќе ги подготви проектот “Стрип без граници” и меѓународниот фестивал на визуелни уметности “5 Артерија”. Поддршка има и за јубилејниот МТФ “Војдан Чернодрински” и за издавање на монографија за 50 издание, печатењето на делото “Светицата и разбирачот” од писателот Петар Петрески во издание на “Слово” и за манифестацијата Мариовско мегленска културна средба. 

Loading