СО ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНО УЧИЛИШТЕ ПРОТИВ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

Кривогаштани

Opstinata i USAID protiv klimatskite promeniЗавршувањето на реновирањето на енергетски ефикасното училиште “Манчу Матак”, како дел од проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, во кој учествува и Кривогаштани, беше одбележано на пригоден начин. Покрај  директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн, присуствуваше заменик министерот Спиро Ристоски, како и прилепските пратеници. 

Со замена на покривот и прозорците, додавањето на термичка фасада како и инсталирање на нов енергетски ефикасен систем за греење, заедницата ги намали трошоците и емисиите на стакленички гасови.

– Ги идентификувавте заедничките интереси и, како граѓани, владеачки лидери, и како претставници на училиштето, излеговте со план како да и се помогне на заедницата да стане подобра и да ги издржи честите екстремни температури и непредвидливи временските услови – рече Стајн.

Бидејќи промената на климата е навистина глобален предизвик, претставува еден од најважните приоритети на САД на глобално ниво.

– Заслугите за инвестицијата, вредна 120.000 долари, одат на контото на Амбасадата на САД и УСАИД. Почит заслужуваат и заложбите на Општината, која потврди дека најмладите се суштинските приоритети во политиките на нејзиното дејствување и, која, исто така, финансиски, со четвртина од средствата, го поддржа проектот –  рече Спиро Ристоски, заменик министерот за образование.

Инвестицијата нема да биде единствената и последна. Како дел од проектот на Министерството за образование за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали, предвидена е и градба на нова, современа спортска сала во вредност од 24 милиони денари, што ќе почне за скоро време.

Uciliste za deca i za kirvogastanciГрадоначалникот Тони Заткоски и директорот на училиштето Светлана Костадиноска истакнаа дека покрај за 314-те ученици, објектот се користи и од пошироката заедница.

– Околу 6.000 жители за голем број на активности надвор од нормалното работно време ќе го користат објектот. Со подобрувањето на енергетската ефикасност на училишната зграда, општината отвори и детска градинка во склоп на оваа зграда. Ова е прва градинка во Кривогаштани – вели Заткоски.

Практично, општината се прилагодува на климатските промени, се намалува емисијата на штетни гасови и се подигнува свеста за климатските промени и нивното влијание. Четиригодишниот проект се работи во 8 општини, Пехчево, Виница, Теарце, Богданци, Маврово – Ростуше, Боговиње, Студеничани и Кривогаштани. 

Loading