ФУРНА СО ТАПИЈА И ТРАДИЦИЈА

Пекарница Лида

Leb od tradicionalnata furna Lida - Boris GjorgjioskiМискојна од леб печен на дрва, а мек како душа, скоро 5 децении се шири низ Тризла од фурната “Лида”. Таткото на Борис отишол дури во Осијек, Хрватска, да го “пече” занаетот. Кога се вратил, купил објект во Тризла, го опремил за фурна и ги засучил ракавите сам да влета во бизнисот со белото брашно. Бил еден од првите фурнаџии. Децата од мали ги “врзал” за фурната која тогаш се викала “Тризла”. Од 2009 година, Борис Ѓорѓиоски ја прекрстил во “Лида” – град на Св. Ѓорѓија во Ерусалим. Како верници, свештеник им бил кум, оти куќна слава им е Св. Ѓорѓија, а и венчани се во манастирот со тоа име.                       

– Имав 10 години кога татко ми ја отвори фурната. Нон-стоп сум од тогаш. Кога ќе се вратевме од школо со браќата, татко ми ќе ни ги навреше унечките да помагаме, ќе му подававме или штици или леб за печење. И тоа ми остана. Цел живот го минав во фурната, со “пот” хранејќи илјадници прилепчани за “корка леб” – ги раскажува почетоците Ѓорѓиоски.

Фурната отсекогаш била фамилијарен бизнис. И сега традицијата продолжила. Борис е главниот, тој се “валка” со брашното, а сопругата Каролина ја води продавницата во фурната. А и синовите помагаат. Едниот меша прсти во тестото, а другиот го разнесува лебот низ маркетите двапати дневно. Ги следат трендовите. Од фурната, покрај стандардниот, “никнуваат” разни видови лебови, со сусам, француски – долг, па дури и погачи и поскури.

На сабајле има леб за ранобудните и на пладне, да им се “најде” со ручекот. Работата е макотрпна, а со дополнителните трошоци и растот на цените на брашното, одвај им излегува есапот. Се трудат, не се откажуваат од аманетот на татко му. Вршат и услуга за граѓаните, особено за Ромите, кои дома месат леб и на штици го носат на печење. Им се исплаќало повеќе, оти се калабак – народ, и еден нивни леб е колку 3-4 стандардни. Отсекогаш им се најдувале. Кога почнал таткото со фурната, не се поминувало од муштерии кои чекаат печење леб. Огнот од печката на дрва го “позајмуваат” и за печење сарми, месо – прасиња, јагниња, па дури и за тепсии со баклави за празниците.

– За жал, муштеријата не гледа на квалитетот, туку на цената. Дивите пекари ја туркаат цената, оти не плаќаат придонеси и даноци. Со 23 денари векна леб отскокнуваме. Ама опстојуваме на пазарот, оти сме вистински пекари, со традиција, со изучен занает – вели Борис.

Од продавницата муштериите во секое време можат да вкусат леб директно од фурна, како некогаш. Не навратуваат само луѓе од Тризла, туку и од подалеку. Наминуваат и прашуваат “Овде е фурната од Борис, ни рекоа дека најубав леб прави”. И како може кај Борис да биде стандарден лебот? Е, може, кога цел живот е во фурната. Ангажирал и работници, еден како дистрибутер, и 2-3 за тестото, ама не пропушта  “тестото” да не помине и низ неговите раце. Нема леб да не го провери дали е добар. Разнесуваат кога муштериите ќе посакаат леб од “Лида”, па дуќанџијата ќе се договора за дистрибуирање. Лебот е нивни и за обреди и погреби за трпезариите во црквите Благовештение и Преображдение.

Велат, “лебот ни е незаменлив, не дека е наш”. Искуството го правело своето. Друго е вчера да си станал фурнаџија, друго е повеќе од 45 години да имаш корен и традиција. Друго е почетник, а друго е искусен мајстор да замеси леб, оти тој може и со мижење да го замеси.

– Да се процени дали еден леб е квалитетен, не треба да биде врел, како што се научија. Стуткај го и жежок однеси го. Не знаат луѓето, не гледаат од каде е лебот, туку кој е топол. А не треба. За да искусиш кој леб е за јадење, треба да го оставиш 2-3 саата, па да видиш што леб е. Имаме комшии кои земаат од кај нас леб кога одат в село на 4-5 дена и не им се расипува. И да го оставиш лебот, може само да се исуши, но не и да се расипе. Е тоа е квалитет – вели искусниот фурнаџија.

Тајната да се опстане во светот на брашното е постојано со чесно работење да се нуди квалитет и стандард. Младиот фурнаџија, синот Мартин, ги следи трендовите, па сака да произведува црн леб. Завршил меѓународна економија и бизнис, а помалиот, Благојче, менаџер за информатика, па за менаџирање се одлични. Иднината на фурната е во нивни раце.

Loading