“ЖОЛТАТА” СИЛА НАД ПЛАНОТ

Ракомет: Привршува есенската полусезона

– Целта е плеј-офот, а дофатливо е второто место за Прилеп

Kineski zid na golot - Mende BozinovskiЕсенва, по подолго од деценија и повеќе, ракометните љубители следат квалитетни суперлигашки мечеви благодарение на РК Прилеп, кој ја оправдува улогата наследник на некогашниот Тутунски. Покрај резултатите, и жолтите дресови потсетуваат на традицијата и богатото минато. Врзани се две победи, по гостинската во Охрид се случи и домашна, вкупно седма, убедлива со 30-23 над должникот Работнички.

– Наплативме со камата преку резултат, кој е реален одраз на квалитетот. Посилни сме на сите седум позиции. Имавме прекрасна атмосфера со помош на “Мајмуните” – вели помошникот тренер Ице Соколоски.

Стручниот штаб предводен од Боро Чурлевски има силен состав, кој од коло в коло игра сé подобро. Дојде посакуваната форма со труд, трпение за воигрување и адаптација на засилувањата. Меѓу стативите е Менде Божиновски, голман како “кинески ѕид” за противниците, во саботата со 17 одбранети удари и седмерец, а придонес во одбрана и напад даваат пивотот Ѓорѓиески, брзите крила Мојсоски и Петкоски, бековите Митревски, Цветкоски, Ангеловски, Талевски и Бозароски, најефикасен со седум гола… Оптимизмот за поволен епилог во наредните мечеви има основа, иако противници се најсилните. Викендов не се губи ништо, а може многу да се добие на гостувањето кај Металург во Скопје.

Aleksandar Bozaroski vo akcija na mecot so Rabotnicki– Гостуваме на тим кој  есенва прекрасно игра и дозволи само два пораза, едниот во Прилеп. Гледавме снимка од нивниот дуел кој тешко го добија со Работнички и согледавме каде се кршливи, ранливи… Подготвени сме – порачува Соколоски.

Според табелата, Прилеп е трет со пет бода под Металург и исто толку над петтиот Охрид, што значи го обезбеди плеј – офот со место меѓу четирите најдобри. Останува да се одржи досегашниот ритам и евентуално да се надмине планот.

– Целта ја остваруваме, а ако добиеме шанса, одиме на второ место. Тоа носи привилегија за домаќини на Купот и затоа вреди да се бориме до крај – подвлекува Соколоски.

Несреќен пораз

Женскиот Жито Прилеп дома загуби со 24-26 од Ѓорче, покрај водството од 12-9 на полувреме и 20-19 на девет минути пред крајот. Попусти беа 20 одбрани на Стојанова, седум гола на Саздова. Кај гостите имаше прилепчанки, Петлеска со пет и Сталеска со два гола. Следи гостување на Металург.

Loading